Мицкоски на средби со ЕУ челниците во Брисел - Ќе пренесел порака за фрустрацијата на македонскиот народ
Европските челници утре ќе ги слушнат пораките на македонската влада дека голема е фрустрација кај народот поради долгото одложување на полноправното членство. Премиерот Мицкоски кој веќе отпатува за Брисел на работа средба со шефицата на ЕК Фон Дер Лајен и првиот човек на Европскиот Совет Мишел вели дека ќе го претстави планот за раст на земјата. Не ја исклучува можноста, доколку се разговара за интеграциите да го спомене и ставот дека дипломатијата на свиткана кичма мора да престане.
На средбите со европските функционери, премиерот рече дека дека ќе го отвори прашањето за избегнување на билатерализацијата преку институциите на ЕУ.
Во владиниот тим покрај премиерот се и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани. Шефот на македонската дипломатија ќе се сретне и со генсекот на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг.
Според агендата, предвидени се и средби со високи претставници на институциите на Европската Унија, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и со Генералниот директор на генералниот директорат за соседство и преговори за проширување Герт Јан Компан.
На состаноците ќе се разговара за регионална стабилност, зголемена економска соработка, усогласување на реформите со европските стандарди, владеење на правото и бескомпромисната борба на Владата против корупцијата и криминалот.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар