Македонија
14. April 2021 - 16:37

Мицкоски побара да им се вратат парите на граѓаните кои се лекувале во приватните болници

Не само подршка на законските измени со кои се намалуваат цените за лекување пациенти со Ковид во приватните болници, лидерот на ВМРО ДПМНЕ изјави дека партијата ќе предложи и да им бидат вратени парите на сите кои поради компликации од вирусот се лекувале во приватното здравство зошто немало место во државните клиники. Ова да не важи за оние кои првично биле хоспитализирани во јавни установи, но одлучиле да се префрлат во приватни. Христијан Мицкоски смета дека власта задоцнила со законското решение.

-Тоа требаше да се случи од почетокот на пандемијата, не сега после 14 месеци, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО ДПМНЕ.

Министерот за здравство пак рече дека се одлучиле за овие законски измени бидејќи лекувањето во приватните болници не било опфатено со законот за кризна состојба.

-Едно од дополнувањето на Законот за здравствена заштита е сето тоа да се прави без надомест, а не како што предвидуваше тој закон за менаџирање со кризи. Со тоа се соочивме кога разговаравме претходниот пат за користење на капацитети на приватните болници со 30 проценти, па тешко беше да се прифатат затоа што не се однеусваше на болници, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Со измените на законот за здравствена заштита доколку граѓаните на своја иницијатива одлучат да бидат лекувани во приватна болница, цената не смее да надмине 5000 евра. Според Филипче предвидено е и ако државата ги користи ресурсите на приватните установи тогаш пациентите да не плаќаат ништо туку Фондот да им префрла иста сума како на државните болници, но таква ситуација засега немало.

Дополнувањата на законот прво треба да поминат во Собрание за да стапат на сила. Се уште не е закажано кога ќе се најдат на комисија па седница.

Здравствените власти не ја исклучуваат можноста во иднина трошоците за ПЦР тестови на приватно да ги покрива Фондот.