Македонија
1. May 2018 - 10:24

Мицкоски: Работниците заслужуваат подобро

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во денешната честитка по повод 1 Мај - Меѓународниот ден на трудот посочува дека унапредувањето на правата на работниците е константен процес во кој клучна улога има владата на една земја.

- Денес состојбата со работничките права во државава е загрижувачка. Има сериозни информации за непочитување на минималната плата. Недоволно платениот труд исто така преставува проблем кој ги засега работниците. Наспроти ветувањата за зголемување, просечната плата опаѓа, а најсериозно загрозени се земјоделието, рударството и транспортот. Платата не ја покрива потрошувачката кошница на едно семејство, вели Мицкоски.

Лошите условите за работа и мобингот на работните места, како што додава, преставуваат сериозен предизвик кој треба да се решаваат. 

- Алармантно е што и покрај ветувањата пред неполна година дека ќе се најде излез се уште нема решение за вработените во Еврокомпозит од Прилеп и Колска од Велес. Администрација е мета на постојани критики, притисоци и партиски реваншизам од страна на власта. Но во суштина нејзината ефикасност зависи пред се од степенот на способност на менаџерите од институциите, наведува Мицкоски во честитката по повод 1 Мај.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека работниците мора да почувствуваат сигурност и заштита, бидејќи заслужуваат подобро.