Македонија
29. October 2021 - 12:47

Мицкоски за односите со Бугарија: Од нас може да имаат искрен пријател и сосед за заедничка светла иднина

Односите меѓу Србија и Македонија секогаш можат да бидат на повисоко ниво и неопходно е земјава да има одлична соработка и отворени односи, како и да разговара за нови договори со пријателските народи, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за белградска „Политика“.

– Доволно беше да погледнеме во минатото и да заглавиме во историјата. Гледаме каде тоа не однесе. Треба да ги урнеме бариерите и да создадеме можности за граѓаните на двете земји, нагласува Мицкоски.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, тој вели и дека секоја регионална иницијатива е добредојдена, а со тоа и „Отворен Балкан“, но заклучува дека таа не треба да биде замена за стратешка цел на земјата – влез во ЕУ.

Во врска со односите со Бугарија, Мицкоски наведува дека „ВМРО ДПМНЕ односите со соседите ќе ги базира на вредности на меѓусебна почит, толеранција и ќе ги надградува низ полиња на взаемен интерес на народите“.

– Ние нема како Заев да пробуваме да ги вовлекуваме во некои непринципиелни односи и да се служиме со измами и трикови. Од нас може да имаат само искрен пријател и сосед со кој ќе работат на светла заедничка нова иднина за регионот, но и примена на принципот на реципроцитет, вели Мицкоски.

Околу пандемијата на Ковид-19, Мицкоски нагласува дека за огромна жал над 7.000 луѓе го загубија својот живот поради корона вирусот.

– Сликовито што тоа значи за мојата земја ќе ви објаснам со тоа дека дури 11 градови во државата имаат помалку од 7.000 жители, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски тврди дека земјава најдоцна добила вакцини во регионот, затоа што Влада сметала дека е потребно да чека на европските вакцини, а во исто време организирала приватна фирма за скапи провизии да набавува кинески вакцини.

– Дополнително пред еден месец се случи ужасна трагедија во Тетово кога се запали ковид болница каде живи изгореа 14 пациенти. Наместо одговорност институциите излегоа со штуро соопштение дека кабелот од болницата е виновен, а не министерот за здравство или неговиот заменик, што е неприфатливо. Тоталната отсутност предизвика огромна трагедија и фијаско во справувањето на ковид-кризата. Навистина сум загрижен поради таквата состојба, додава Мицкоски.

Во врска со ЕУ, оценува дека народот со право е  разочаран и има чувство дека премногу жртвуваше за нешто што не го доби, бидејќи и по склучените договори со Грција и Бугарија, земјата е на истото ниво на патот кон ЕУ, како и пред тие договори.

– Иднината на Македонија е во Европската Унија и тој пат нема алтернатива, но воедно таа цел е можна доколку имаме Влада која се бори за принципи, за вредности, против криминалот и корупцијата, која прави реформи и има отворени односи на взаемно почитување кон сите соседи, истакнува Мицкоски во интервјуто.

Според него, резултатите од локалните избори се порака за смена на централната власт.

– Владата на Заев го губи политичкиот легитимитет и кредибилитет, затоа што не ги оправда очекувањата за кои доби доверба од народот, вели Мицкоски.

Според него, власта е „изборно декласирана“ во градот Скопје, но и во други големи градови во државата, а онаму каде сега има втор круг „ВМРО-ДПМНЕ влегува како апсолутен фаворит“.

– Овие локални избори потврдија дека народот се спротивставува на политичарите кои немаат слух за неговите барања, но и фактот дека завршува времето на лагите и непринципиелноста во политиката. Загубениот кредибилитет преку локалните избори, очекувам да се преслика и на парламентарната власт, односно многу скоро тие промени ќе продолжат и на централно ниво, вели Мицкоски во интервјуто за „Политика“