Балкан
13. October 2021 - 14:27

Михајловиќ: Заканите по безбедноста и опстанокот на косовските Срби нема да доведат до компромис

Српската вицепремиерка Зорана Михајловиќ изјави денеска дека е недозволиво косовската полиција да демонстрира сила врз граѓаните во северниот дел на Косовска Митровица и дека заканите по безбедноста и опстанокот на косовските Срби нема да доведат до потребниот компромис.

Таа праша зошто меѓународната заедница молчи за насилството врз Србинките и Србите и ги толерира обидите на косовскиот премиер Албин Курти да го врати регионот во минатото.

– Новите, планирани провокации, демонстрирање на полициска репресија и насилство кое го спроведуваат претставници на властите во Приштина, се спротивни на се она кон што се стреми регионот и Европа во 21. век, а тоа се развој, толеранција и соработка, нагласи Михајловиќ.

Акцијата на косовската полиција започна во раните утрински часови во неколку области на Косово, во Приштина, Пеќ, Јужна и Северна Митровица.