Македонија
14. January 2022 - 16:32

Мијалков се заразил со Омикрон - Одложено судењето за „Плацевите на Водно“

Омикрон ја испразни судницата во која седат обвинетите и нивните бранители за случајот „Плацеви на Водно“. Позитивен тест на коронавирусот, добиле Сашо Мијалков и тројца адвокати. Сите имаат решенија за изолација издадени од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Одбраната на Мијалков вели дека во зависност од неговата здравствена состојба ќе зависи колку денови тој ќе остане во изолација.

„Точно не сум запознат оти немаме физички средби, се слушаме повремено. Тој е во добра општа здравствена состојба, освен што е заразен со корона, колку што може да биде состојбата добра со оглед на вирусот“, вели Ѕвонко Давидовиќ, Адвокат на Сашо Мијалков.

Отсуствата поради вирусот, нема да влијаат врз текот на судењето, сметаат адвокатите.

„Никој не сака да се зарази, и нормално е дека во една ваква ситуација при олкав број на заразени – има и меѓу обвинетите и меѓу моите колеги, мислам дека тоа брзо ќе помине и судењето ќе почне по еден нормален тек“, вели Давидовиќ.

Денешното судење е прво откако Мијалков и Камчев беа пуштени од притвор. Обвинети се дека му помогнале на поранешниот премиер Груевски, да купи парцели на Водно со пари од партијата со која раководел.