Македонија
24. January 2023 - 16:38

Милков побара солидарност за случајот Пендиков и од колегите во Брисел, се најавува нов бугарски центар во Куманово

Шефот на бугарската дипломатија, Милков не се појави на седницата на Народното Собрание кадешто требаше да ги образложи деталите за инцидентот со секретарот на спорниот клуб во Охрид, „Цар Борис Трети“.

Но вчера, за инцидентот, но и за наводен притисок врз бугарската заедница во Македонија, говорел на министерскиот совет во Брисел. Милков не ја исклучува можноста за ново вето на европскиот пат на Македонија.

-Се зависи од тоа како ќе се развиваат работите. Тоа никогаш не е исклчуно, иако правото на вето е како атомското оружје. Неговата сила е во тоа да не се искористи, а да стои како некакво вид на „можност“ која ќе ги натера другите да отстапат, да преговараат, да дојдат до некаков општ консензус. Се надевам дека да го искористиме, но се разбира, се развиси од развивањето на ситуацијата на терен, рече Милков вчера во Брисел.

„Воздухот продира насекаде. На ист начин Бугарите и Македонците се зближуваат. Ние сме едно. Нашата иднина е споделена. Куманово наскоро ќе добие бугарски културен центар“)

И додека односите меѓу Скопје и Софија се на точка на вриење, а претседателот Пендаровски побара забрана за влез на бугарски политичари кои креираат антимакедонска кампања, пристигна најава за формирање нов бугарски клуб, овој пат во Куманово.

Но, првиот човек на општината не е запознаен дека Фондацијата „Македонија“ ќе формира клуб во Куманово. Димитриевски вели, ако има провокации здружението нема да биде толерирано.

-Куманово е мултикултурен град. Сите здруженија кои работат во интерес на граѓаните и на градот и на државата се добредојдени. Доколку се работи за евентуални здруженија кои имаат за цел да генерираат нетрпение кај граѓаните, нетолеранција и првенствено да се занимаваат со негации на македонската нација, јазик, историја и етнос, ние како град сме затворени за таквите и нема да ги толерираме, вели градоначалникот Максим Димитриевски во изјава за Сител.

Провокациите од маргиналните политички чинители во Софија не престануваат. Откако вчера Пендаровски кажа дека државата ќе ги преземе сите мерки за безбедно чествување на раѓањето на Гоце Делчев, Фондацијата „Македонија“ веќе организира транспорт за илјадници Бугари.

-Планирајте во сабота на 4 февруари да бидеме сите во Скопје и да се поклониме на гробот на бугарскиот национален револуционер Гоце Делчев! Оваа изјава на Пендаровски ги уништува билатералните односи и е повеќе од непријателска кон Бугарија и Бугарите – тој сака да ни забрани да се поклониме на гробот на Гоце на неговиот роденден, вели основачот на Фондацијата, Виктор Стојанов.

За Димитриевски вчерашната реакција на Пендаровски е задоцнета, а државата требала порано да реагира на бугарските провокации.

-Нема да дозволиме некој да ни дојде во државата и да не негира како нација, како држава, да не припојува на други држави и други нации кадешто не припаѓаме, а секако дека сакаме да развиваме добрососедски односи со сите, вели Димитриевски.

Истрагата за нападот на Пендиков се уште е во тек, но шефот на македонската дипломатија веќе пресуди и рече дека верува во тврдењето на Пендиков и неговото семејство дека причина за нападот е етничката припадност без разлика дали истрагата ќе утврди други околности. Натепувањето на Пендиков, против кого се води и истрага за кокаин, беше причина Бугарија привремено да го повлече амбасадорот Ангелов на консултации во Софија.