Македонија
20. July 2017 - 17:56

Министерот Поповски на средба со Прибе: Владата ќе создаде демократски амбиент за независни медиуми

Министерот без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за комуникација, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска имаше средба со експертската група предводена од Рајнхарт Прибе.

Прибе и експертите од неговата група на оваа средба, како што соопшти владина служба за информирање, изразиле желба да ги слушнат мерките и планот на Владата во врска со медиумските реформи, кои, биле една од точките во првиот извештај на оваа комисија изготвен по препорака на Европската Комисија кој имаше за цел да подготви насоки за излез од политичката криза во нашата земја, предизвикана од претходната власт.

 - Министерот Поповски, заблагодарувајки се на посетата и на работата на експертската група предводена од господинот Прибе, истакна дека укажувањата од извештајот од 2015 година, беа основата од која тргнаа дебатите и предлозите за реформи во медиумската сфера. Во тој период, СДСМ, како партија што сега ја предводи владата, се залагаше за целосна вклученост на претставниците на медумите и на медиумските експерти од сите граѓански организации чија дејност е медиумската сфера за да се постигне широк консензус за неопходните чекори кои ќе водат кон темелни реформи во оваа област, се вели во соопштението.

Поповски во елаборацијата на чекорите и мерките што се преземени од периодот од кога започнлаа работата на новата Влада, нагласил дека и натаму е задржан принципот на отвореност за сите добри идеи, како и за вклучување на сите релевантни организации и медиуми, за да се постигне најдобро можно решение за медиумските реформи.

Тој ги информирал членовите на работната група на Рајнхард Прибе, дека со ребалансот на буџетот се обезбедени услови за укинување на радиодифузната такса, како прва мерка за поефикасно финансирање на Македонската радиотелевизија, а оти додека во процес усвојувањето на ребалансот на буџетот во Собранието на Република Македонија, во тек е анализата за најдобро решение за утврдување на висината на стапката од буџетот со која ќе се обезбеди функционално работење на МРТ, како и независноста на јавното радиодифузно претпријатие.

- Подготовката на овие измени се однесува и на работењето на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ), која е исто така во високите приоритети на медиумската реформа. МРТ и АВМУ се медиумските институции, за кои Владата ќе создаде услови тие да се препознаваат и да функционираат како независни и непартизирани, укажал министерот Поповски.

На средбата слободата на медиумите и независноста во работењето на новинарите било прашање од особен интерес. Министерот Поповски ги уверил членовите на работната група на Прибе дека оваа владина гарнитура целата своја енергија ќе ја усмери на обезбедување услови новинарите во целост да ги остваруваат нивните професионални задачи согласно принципите на Кодексот на новинарите и согласно начелата на саморегулацијата во медиуската сфера.   

Тој ги информирал гостите дека последните отворени консултации и јавна дебата уште еднаш потврдиле дека решенијата треба да се бараат во создавање на услови за функционално работење на приватните радиодифузни компании без интервенции на пазарот од страна на Владата, како што било тоа пракса во претходниот период.

- На укажувањето на господинот Прибе дека многу често проблемите не се во законите, туку во политичката волја за нивно имплементирање, министерот Поповски нагласи дека Владата на Република Македонија е целосно подготвена да создаде демократски амбиент кој на новинарите и на медиумите ќе им обезбеди услови за независно и достојно извршување на нивната професија, се истакнува во соопштението. сст/аа/17:07