Македонија
5. July 2020 - 19:01

Мисајловски: Во Чаир нема веќе да има граѓани од втор ред

Носителот на листата од ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 2, Владо Мисајловски денеска од Чаир порача дека таму повеќе нема да има граѓани од втор ред и вети инфраструктурни објекти и поголеми капитални инвестиции.

– Ветуваме инфраструктурни објекти, ветуваме поголеми капитални инвестиции. Позади мене се наоѓа Поликлиниката Чаир, СДСМ ветуваше дека ќе ја реновира комплетно, но може да видиме дека едно камче не е мрднато. Ние можеби ветуваме илјадници проекти, но сите тие се издржани, сите тие ќе бидат исполнети, затоа што ние стоиме позади секој еден проект. Можеби не ветуваме се и сешто, но она што ќе го ветиме, ќе го исполниме. Тука доста граѓани се чувствуваат како граѓани од втор ред, бидејќи институциите не работат за нив, бидејќи локалната и централната сосема ги заборави, нагласи Мисајловски.

Ние, вели тој, се обврзуваме со ветување до сите пензионери дека ќе ги зголемиме пензиите за преку 20 проценти, бидејќи тие, како што посочи, заслужуваат и се столб на општеството.

– Тие тука во Чаир живеат и живееле со години, сакаат да останат тука, затоа треба да им го подобриме стандардот, но не само на пензионерите, туку и на сите останати. Затоа ветуваме поголеми плати, како и подобар животен стандард, истакна Мисајловски.

Тој од чаирчани побара поддршка за, како што рече, да направат обнова во културата, да ја обноват инфраструктурата, како и традицијата и достоинството на семејните вредности.

– Чаир е место кое заслужува да му се даде посебен акцент, Чаир не смее да се заборави и овие луѓе тука кои се останати да живеат, сакаат само една подобра перспективност, подобар стандард и нивните деца да продолжат да живеат тука. За да младите останат тука, потребна е обнова на Македонија, затоа ги повикувам сите граѓани да излезат и да ни ја дадат поддршката, а после 16-ти јули да работиме напорно секој ден, за секој еден граѓанин, заклучи Мисајловски.