Кошарка
12. July 2017 - 18:02

Младинците заминуваат на ЕП во Романија

Нашата младинска репрезентација денес попладне заминува за Орадеа, Романија каде во наредниот период ќе настапува на Европското првенство (Дивизија Б). Првиот собир, младинците го одржаа на 6. јуни и оттогаш селекторот Мирко Петрески работеше на темпирање на формата на кошаркарите кои се дел од националната селекција до 20 години. Во рамки на подготвителниот период младинците одиграа шест пријателски натпревари – пет на домашен и еден на гостински терен. Двапати настрада Косово (82-72; 66-68), Полска го доби првиот натпревар (55-65), но за вториот немаше сили па нашата репрезентација запиша победа (63-54) и потоа следеше двомеч со домаќинот на ова првенство, селекцијата на Романија. Првиот го добивме (76-65), Вториот го доби Романија (85-66).

Македонската репрезентација е сместена во групата Ц заедно со Грузија, Малта, Албанија и со домаќинот Романија. Првите две селекции обезбедуваат пласман понатаму.

- Наш приоритет е да ја поминеме групата и тоа ќе се трудиме да го направиме иако воопшто нема да биде лесно. Имаме тешки противници, поготово мислам на Грузија и на домаќинот Романија. Во ваква ситуација, малку ни ја отежнува работатата фактот едка имаме неколку повредени играчи, играчи на кои јас дефинитивно сметав за ова првенство. Ќе смогнеме сили и ќе го дадеме максимумот и што подобро да ја претставиме Македонија на Европското првенство. Од првиот ден на подготовките акцентот беше ставен на одбраната. Ние реално не сме некоја напаѓачка екипа каде што ќе имаме поединци кои можат секој натпревар да дадат одреден број на поени или да биде стандарден. Цело време работевме на одбраната. После првиот натпревар со Полска го гледавме видеото, ги увидовме нашите грешки и заедно со играчите ги поправивме што веднаш се покажа на наредниот натпревар. Грешките ги поправија и успеавме Полска да ја оставиме на 54 поени. Ако играме на тој број на поени со други екипи може да очекуваме победа, ако не играме добра одбрана ќе биде тешко. – Вели селекторот Мирко Петрески

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ
15. ЈУЛИ
МАКЕДОНИЈА – Албанија (19:45 часот)
16. ЈУЛИ
Грузија – МАКЕДОНИЈА (15:15 часот)
18. ЈУЛИ
МАКЕДОНИЈА – Романија (17:30 часот)
19. ЈУЛИ
Малта – МАКЕДОНИЈА (10:45 часот)