Свет
31. December 2020 - 8:42

Многумина во Велика Британија втората доза од вакцината да ја чекаат и 12 недели

Над 500.000 лица во Велика Британија, кои веќе ја примија првата доза од вакцината на „Фајзер“ можеби ќе треба да почекаат и до 12 недели за да ја примат втората доза, бидејќи Националната здравствена служба (НХС) во моментов ги разгледува солуциите како да го запре ненадејниот скок на новозаразени од Ковид-19.

Во промената на стратегијата, што ќе се применува низ Обединетото Кралство, на НХС сега приоритет ќе му биде давање на првата доза на вакцината на што е можно поголем број луѓе, а тука ќе ја вклучи и вакцината на „АстраЗенека“, што вчера беше одобрена за употреба како заштита на што е можно поголема популација од оваа болест, пренесе „Гардијан“.

На примателите на вакцината и натаму ќе им биде потребно да примат две дози за да бидат целосно заштитени, но другата ќе ја примат по 11 или 12 недели, бидејќи и една доза од вакцината дава одреден имунитет на Ковид-19.