Мнозинството Британци сакаат Велика Британија да остане во ЕУ
Мнозинството британски гласачи сакаат Велика Британија да остане членка на ЕУ, покажува најновото истражување на јавното мислење, спроведено за проконзервативниот „Дејли Телеграф“.
Доколку сега би се одржало референдумското изјаснување, 51 отсто од гласачите би се определиле за останување, додека 44 отсто за напуштање на ЕУ. Пет отсто од анкетираните изјавиле дека се уште не се определени.
Референдумот за иднината на земјата во ЕУ е закажан за 23 јуни.
Весникот открива дека нивното истражувања покажува оти се засилува бројот на Британиците кои повеќе веруваат во членството на земјата во обединете Европа, од оние кои заговараат Велика Британија во иднина да биде надвор од Унијата.
Според „Дејли Телеграф“, зголемувањето на процентот на подржувачите за останување на Велика Британија во ЕУ, е резултат на кампањата на премиерот Дејвид Камерон и на министрите во владата кои се зад него за „заплашување на Британците“ со последиците во економијата, вработеноста, имиграцијата и безбедноста, доколку земјата по 43 години се раздели со Брисел.
Кампот на антиевропејците, во кои се наоѓаат и петмина владини министри и актуелниот градоначалник на Лондон, Борис Џонсон, уверуваат дека на земјата ќе и биде многу подобро надвор од ЕУ, но главниот акцент и натаму се става врз уверувањето на гласачите дека ќе ги снема имигрантите од земјите-членки на ЕУ, а пред се оние од Источна Европа.
Антиевропските весници, како „Дејли Експрес“ секојдневно ги заплашуваат своите традиционално евроскептични читатели, дека имигрантите од ЕУ им ги „крадат“ социјалните фондови и им ги земаат работните места, обвинувајќи ги оние од Истокот на Европа и за криминалот во Велика Британија.
Во распалената кампања, се почесто провејува предупредувањето дека евентуалното напуштање на ЕУ, може да предизвика и „растурање на Обединетото Кралство“. Големо мнозинство гласачи во Шкотска и во Велс се за останување во Унијата, додека во Северна Ирска, унионистите од водечката партија на протестантите ДУП е за заминување, додека партијата на републиканците католици, Шин Феин е за останување во ЕУ.
Властите во Единбург тврдат дека ако Англија изгласа заминување, тогаш во Шкотска сигурно ќе има нов референдум за отцепување, додека Шин Феин најави плебисцит за приклучување на Алстер кон Ирска, ако мнозинството Британци се определеат за заминување од Унијата.
Ново на Сител
-
Граѓаните гласаат за седми претседател на државата
-
Изборните денови 24 април и 8 мај неработни за сите граѓани
-
Јавниот превоз во Скопје со неделен возен ред, жичницата на Водно нема да работи
-
Американскиот Сенат одобри 95 милијарди долари помош за Украина, Израел и Тајван
-
Лични документи можат да се подигнат и денеска
-
Променливо облачно со сончеви периоди, на крајот на денот дожд
-
Пожар зафати куќа во неготинско Долни Дисан
-
Врховен задутре ќе одржи јавна седница по жалбата на таткото на Вања против мерката притвор