Македонија
13. October 2021 - 19:40

МНР без детали за најавената средба во разговорите со Бугарија

Последен обид на Скопје и Софија да дојдат до решение кое ќе овозможи почеток на преговорите во декември. Во екот на локалните избори во Македонија и кампањата за претседателските и парламентарни во Бугарија, работните групи од двете земји треба на заедничка маса да најдат компромис за отворените прашања.

По најавите дека до крајот на октомври ќе има нов круг консултации меѓу двете земји и дека до Скопје се предадени бугарските предлози и текстови, од македонската влада не откриваат детали за текот на разговорите.

„Министерството за надворешни работи е во постојана комуникација со бугарското Mинистерство и тоа на повеќе нивоа, од техничко, до највисоко политичко ниво.
Интензивната комуникација е со цел да се искористат можностите за надминување на меѓусебните разлики, со што би се отстранила пречката за продолжување на европските интеграции на Република Северна Македонија, по можност до крајот на оваа година”, одговараат од Иленденска.

Во меѓувреме, актуелниот бугарски претседател и според последните анкети, водечки кандидат за нов мандат Румен Радев повторно се пожали на наводното кршење на човековите права на граѓаните со бугарска самосвест во Македонија.

Слична позиција има и неговиот главен противкандидат од ГЕРБ, водечката партија во анкетите во Бугарија. 

„Сакаме европска интеграција на сите земји од Западен Балкан, се разбира и на нашиот западен сосед РСМ, но таа интеграција може да се случи откако тие ќе го исполнат она што самите го потпишале во Договорот за пријателство. Тој Договор предвидува дека треба да се почитуваат правата на луѓето со бугарска самосвест, а во училиштата да не се предаваат научни невистини кои водат до омраза меѓу нас”, вели Герџиков.

Надеж за договор Герџиков гледа во последните изјави од премиерот Заев, кој пак од негова страна вели дека очекува разумот да надвладее по изборите во двете земји.