Балкан
29. August 2017 - 8:47

Могерини: Балканот еден од периоритетите на ЕУ

Високата претставничка за безбедносна и надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини изјави дека Балканот е еден од приоритетите на Унијата, оценувајќи дека годинава тензиите на Балканот загрижувачки пораснале.

- Годинава видовме дека тензиите на Балканот загрижувачки пораснаа, во различни моменти, во различни држави. Имавме моменти на криза, акутни кризи, но на крајот нашите партнери на Балканот секогаш успеваа да ја потврдат желбата и способноста да напредуваат на европскиот пат, на нивниот пат кон Европската Унија. Секогаш!, потенцираше вчера Могерини, на отворањето на конференцијата на амбасадори на ЕУ.

Таа истакна дека Унијата на овие земји им помагала, но тоа било нивна заслуга.

- Зошто? Поради тоа што верувам дека нивното население, нивното младо население тоа го бара од своите лидери и лидерите тоа многу добро ги знаат. Можеби ќе биде тешко, можеби ќе биде предизвик, можеби ќе биде болно од време на време да се работи на помирување и добрососедски односи, но, на крајот на денот, ако тоа го бараат од вас (продолжување на евроинтеграциите), тоа мора да го обезбедите. И ние сме тука за да им овозможиме тоа да го обезбедат, вели Могерини.

Таа истакна дека Балканот не е дворот на Европа, туку самата Европа, и дополни дека се лути секојпат кога на „пријателите на Балканот“ ќе им се каже дека се „на патот кон Европа“.