Македонија
15. May 2020 - 14:41

Моловите отворени под строги протоколи и засилена полициска контрола

По речиси два месеци со посебни протоколи за работа денеска беа отворени шопинг моловите ширум Македонија. Ќе работат со скратено работно време од 10 до 18 часот.

Со растојание од 2 метри купувачите во долги редици чекаа пред омилените продавниците. Најголемите гужви се забележале при самото отворање на дуќаните на светски познатите брендови.

И покрај бројните мерки кои потрошувачите треба да ги почитуваат, велат дека не им се проблем и се запознаени со новите протоколи.

Согласно протоколите, на влезот на шопинг центрите, но и на секој дуќан посебно мора да има средство за дезинфекција. Купувачите задолжително мора да носат маски. Денеска во дел од моловите се толерираат потрошувачите кои немаа заштитна опрема, па добиваа од вработените, но во иднина нема да им биде дозволен влез.

Пред продавниците има редари кои внимаваат купувачите да држат растојание од минимум метро и пол.

Но, забрането е пробување на облеката. Таа ќе мора да се купи, да се проба дома, па доколку не е точна ќе има опција за враќање или замена на облеката.

Угостителските објекти во шопинг центрите не работат со полн капацитет, но имаат можност за шалтерско услужување.