Македонија
30. August 2019 - 16:51

Можен ли е договор за СЈО до 10-ти септември?

Залуден е оптимизмот, ако СДСМ продлжува со решение кое овозможува амнестирање на Рекет и криминогени дејствија на оваа власт, вака опозицијата возвраќа на најавите за можен договор до десети септември помеѓу преговарачките групи и гласање на законското решение. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека нема да прифати решение кое не е во согласност со словото на правдата.

- Доколку власта тргне по словото на правото може да има договор до десети септември. Ако продолжи да турка оптимизам дека ќе донесе решение со што би се амнестирале учесници во рекетарски и други криминогени десјтвија не сум оптимист, вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО – ДПМНЕ.

Високи извори од владеачката партија брифираа дека постои план и доколку се испостави оти е погрешен нивниот оптимизам. Итна лидерска средба по пржински формат за излез од кризата е уште едно можно решение кое го имаат во предвид. Опозицијата пак вели, нема лидерска ако претходно работните групи не дојдат до можно решение.

- Прашање е дали воопшто ќе има основа за лидерска, ако нема допирни точки тогаш не би имало...мора да има допирни точки за лидерите да ги доиспеглаат ставовите. Доколку се тргне по слово на закон би можело да има и лидерска средба, вели Стоилковски.

Власта потврди дека нема да ги искористи промените на Законот за совет на јавни обвинители како план „Б“. Во владата постои уверување дека и Советот на јавни обвинители има законска можност да назначи в.д јавен обвинител иако тоа било најмалку посакувано сценарио.