Македонија
30. December 2015 - 11:04

Мрежата од европски национални културни институции - ЕУНИК и во Македонија

Францускиот институт, Британскиот совет и италијанскиот Центар за култура „Данте Алигиери“ потпишаа договор за создавање на ЕУНИК - кластер на националните културни институции од европски земји присутни во Скопје.

ЕУНИК кластерот во Скопје ќе функционира како дел од ЕУНИК-мрежа на европски национални институции од областа на културата чија мисија е промоција на европските вредности и придонес кон културната разноликост во и надвор од ЕУ преку соработка меѓу европските културни институции низ светот.  

Договорот за воспоставување на кластерот вчера го потпишаа директорите на Францускиот Институт Изабел Марки Барбо, на Британскиот совет Елеонора Запрова и Анастасија Ѓурчинова од италијанскиот Центар за култура „Данте Алигиери“. 

Марки Барбо, директорка на Францускиот институт во Скопје, која е иницијатор за создавање на кластерот, истакна дека тој треба да почне со работа од јануари 2016 година кога ќе се дефинира структурата и проектите на кои ќе работи, а ќе ја има поддршката на Делегацијата на ЕУ во Македонија. 

- Унијата, сојузот, обединувањето ја прават силата. Секоја од нашите институции си има своја програма и активности кои ги спроведува на полето на културата, јазикот, образованието. Но, сметавме дека обединувајќи ги нашите сили ќе создадеме мрежа на културни институции кои ќе ја промовираат европската култура и вредности поефикасно. Во моментов сме три институции, но од следната година и амбасадите кои немаат свои културни центри во Македонија ќе можат да се приклучат кон оваа иницијатива на вмрежување, рече Марки Барбо.

Таа додаде дека кон мрежата ќе можат да се приклучат и локални културни институции и центри, но со статус на набљудувач. 

- Еднаш штом се регистрира оваа мрежа во Брисел веќе на сајтот на ЕУНИК - свет во Брисел ќе има и страница специјално посветена на ЕУНИК кластерот во Скопје со што ќе се даде еден силен сигнал дека Република Македонија е присутна и може да биде присутна во сите големи мрежи, но и сигнал до Брисел да не го заборава Балканот и Република Македонија, рече директорката на Францускиот институт.   

Според Запрова, задоволство е да се биде дел од оваа мрежа, која ќе овозможи, меѓу другото имплементација на некои од вредностите за кои се залага Британскиот совет како што се креативноста, професионализмот и соработката.

Ѓурчинова истакна дека покрај редовната активност на промоција на италјансиот казик и култура кластерот ќе овозможи да се промовира пошироката европска култура, вредности и традиции како филмот, литература... 

ЕУНИК како мрежа на европски национални институции на културата е востановена во 2006 година. Брои 34 членки од 28 земји од ЕУ со вкупно 96 кластери основани на различни локации низ светот. Членките на ЕУНИК работат во преку 150 земји каде имаат над 2.000 ограноци и неколку илјади локални партнери. Годишниот обрт на средства на членките на мрежата изнесува над 2,5 милијарди евра.

ЕУНИК се смета за витален партнер од областа на меѓународната културна соработка и служи како тинк - тенк мрежа за европските институции во областа на културата. Во регионот ЕУНИК кластери во земјите кандидати за членство во Унијата досега се фомирани во Србија, Босна и Херцеговина и Албанија.