Македонија
22. September 2019 - 16:46

Му дале инвалидска па му ја одзеле, кумановец во битка со комисијата за да докаже дека е инвалид

Пред да стане полнолетен му дијагностицирале Бехтерев синдром, кога рскавицата станува како коска. Кумановецот Љубомир Стефановски не служел ниту војска бидејќи во ЈНА не го примиле со неговиот инвалидитет.

Денеска, на 56 годишна возраст вели дека неговиот рбетен столб е прав како бамбусова трска а пршлените му се споени. Не може да се наведнува, има болки а се движи со помош на ортопедско помагало. И тој е еден од повеќето пациенти кој и покрај здравствената состојба со еден куп документација од лекари, не може да добие инвалидска пензија.

-Имам проблеми, лекарите велат болесата веќе го стигнала крајот, прогресирала, не можам да се наведнувам, тешко се движам, вели Љубомир Стефановски од Куманово.

Љубомир работел во компанија како инвалидизирано лице. По нејзиното затворање отворил своја фирма со помошта што ја нудела државата во тоа време. Но морал да оди на операции за вградување на вештачки колкови и поради влошената здравствена состојба во 2009 година добил инвалидска пензија поради трајно губење на способноста за работа. Но по една година му ја укинуваат и Стефановски станува пак работоспособен.

-Не знам како и зошто, добив а после ми ја укинаа. Не ми е јасно. Дури лекарите на комисија ме прашаа, зошто ти е укината пензијата, кога одев на контролни прегледи, вели Стефановски.

После тоа уште два пати одел на Комисија со препораки од специјалисти, но безуспешно. Љубомир веќе 5 години зема туѓа нега и е под Агенција за вработување. Невработена е и неговата сорпуга, која вели дека тој е зависен од нејзината помош и дома и кога одат на лекар.

-Сите лекари каде одиме ни викаат, па ти уште доаѓаш на прегледи, уште не зеде пензија. Еден ми вели да беше во странство досега 10 пати ќе земеше пензија, но во нашата држава никогаш, вели Викторија Стефанова, сорпуга на Љубомир.

Иако е разочаран што досега неколкупати го одбиваат за инвалидска пензија, Љубомир овие денови ја собира медицинската документација за уште еднаш да тропне на вратите од Комисијата за утврдување на работна способност.

Нова шанса ќе бара и Бане Најдовски од Ајватовци кој е со Алцхајмер, прележани мозочни удари како и Ацо Јовановски од Скопје на кого левата страна му е нефункционална по прележан  мозочен удар.