Македонија
24. May 2020 - 16:32

Муслиманите го слават Рамазан бајрам – Поглаварот на ИВЗ Реџепи прогласи победа над епидемијата

И покрај апелот од владата да се воздржат од масовни собирања, верниците ги преполнија верските објекти за Фитер Бајрам. На намазот по изгрејсонце во Мустафа пашината џамија присуствуваше и поглаварот на ИВЗ кој прогласи победа над вирусот.

Верниците во голем  број носеа заштитни маски согласно мерките. Се бараше место повеќе во дворот на џамијата за да го постават своето сеџаде и да се поклонат на Алах. По еден месец пост тие денеска прв пат ќе се засладат со традиционалната баклава.

Реисот по молитвата се заблагодари на честитките за венчавката со 50 години помладата сопруга со која деновиве склучиле брак. Сопругата која има 24 години е од Скопје и е потпретседателка на огранокот на ДУИ во Студеничани.

Рамазан Бајрам го честиташе претседателот Пендаровски и се заблагодари за досегашните напори и посветеност во спроведување на мерките за заштита од вирусот.

Честитки упати и техничкиот премиер и порача оваа година Бајрам има посебно значење бидејќи се случува во екот на светската пандемија.  Во духот на празникот како одговорни граѓаниу кон себе и државата им порача да ги почитуваат препораките.

Нека биде благословен и честит празникот Рамазан Бајрам!

Лидерот на СДСМ Зоран Заев испрати писмена честитка до верниците во која пишува - иако годинава месецот Рамазан беше проследен преку бројни мерки и рестрикции како резултат на глобалната пандемија на Коронавирусот, вие пак достоиствено издрживте и ја исполнивте оваа годишна обврска која што во Исламот е една од главните столбови на верата.

Само заедно и сплотени можеме да изградиме држава од која нашите деца нема да си одат порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во честитката за Рамазан Бајрам.

Живееме во време кога правдата не е достижна, кога власта е прва во рекетот, наместо справување со него, кога наместо едно општество за сите, прави поделби, внесува раздор и прави дискриминација. Делиме исти маки, исти проблеми, една заедничка судбина, и затоа одлуките ќе ги донесеме заеднички и заеднички ќе се избориме за обнова и подобра иднина.

Рамазан Бајрам го честитаа и сите останати чинители во политичкиот и општествениот живот во земјава. За време на празникот кој се прославува три дена, верниците ќе бидат дома до вторник.