Македонија
11. May 2020 - 19:08

Музичар од Битола нападнат со нож поради он-лајн концерт

Со цел да ја подигне свеста за семејството на Лука, кое има проблеми со соседите заради тоа што има аутизам, младиот битолски музичар, Пеце Петровски во саботата, решил да одржи концерт во живо кој го пренесувал преку Фејсбук. Но, овој настан заврши многу поинаку од замисленото. Пеце видно вознемирен ни раскажа дека на средината на концертот слушнал тропање на прозорецот. Го исклучил настапот и отишол кон прозорецот каде бил соседот од другата зграда кој реагирал на гласната музика. Потоа Пеце заедно со колегите со кои снимал, излегле надвор.

-Кога излегов надвор со моите колеги, не сакаше да ме сослуша, него му сметало музицирањето, не можел да спие. Тогаш ми упати убод на раката, со нож, ме пресече, се обиде повторно да удри со ножот кон мене, но мајка ми и колегата застанаа пред мене и го турнаа, се спречи трагедија. Соседот се упати кон својот дом и ми рече дека сум имал среќа што не слегол со сатарот, рече Пеце Петровски,пејач.

Случајот го пријавил в полиција, а завршил на на ортопедија и психијатрија во битолската болница, заради повредите, но и заради вознемиреноста. Вели дека ангажира адвокати кои  ќе го застапуваат за овој случај.

-Затоа постои 192, полицијата, ако има некој проблем не сме ние тие што треба меѓусебно да го решаваме проблемот. Ова го сфаќам како обид за убиство, вели Пеце.

Овој настан Пеце нема да го запре да продолжи со музицирање, но вели дека ќе биде повнимателен иако и во саботата внимавале на децибелите да не го нарушат јавниот ред и мир. Според него, се изгуби смислата на хуманоста на овој онлајн концерт.

-Музиката треба да не сплоти, еве го случајот со Италија, наместо да се поддржиме ние во случајот реагираме бурно и поинаку. Упативам јавен апел до сите институции да најдат начин за и Лука да има безгрижно детство како што заслужува секое дете.

Од СВР Битола го потврдуваат случајот во чиј извештај се вели дека на 10.05.2020, П.П. пријавил дека на улица „Свети Наум“ во Битола, поради недоразбирања околу гласна музика, бил повреден со остар предмет во пределот на левото рамо од страна на едно лице. Од полиција велат дека  преземаат мерки за расчистување на настанот.