Македонија
27. јуни 2020 - 16:30

МВР го подготвува извештајот од распитот на Ден Дончев

Поранешниот директор на фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев во друштво на адвокат го давал исказот во ПС Карпош за видеото на кое се гледа како зема пари. Од МВР велат дека распитот на Дончев траел 40-тина минути, а полициските инспектори од него барале информации за снимката. Министерот Наќе Чулев вели дека Дончев бил повикан на разговор во полиција откако Обвинителството јавно го повикало МВР да го истражи случајот.

„МВР постапи согласно стандардното полициско постапување односно одделот за сузбивање на сериозен и организиран криминал и го повика со цел добивање на дополнителни информации и податоци за објавениот видео материјал. Разговорот траеше околу 40 минути, беше реализиран од инспектори од одделот за организиран криминал во ПС Карпош и лицето Ден Дончев дојде во придружба на негов адвокат. По извршениот разговор истото си замина, а инспекторите од одделот за организиран криминал во текот на денешниот ден ќе изготват службен материјал и истиот ќе го достават до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и потоа чекаме насоки за дејствување од страна на Обвинителството, бидејќи тоа е надлежна институција за водење на кривични истраги“, изјави Наќе Чулев, Министер за внатрешни работи.

Од Oбвинителството за гонење криминал и корупција велат дека во текот на денов е невозможно да го добијат извештајот од распитот на Дончев бидејќи дежурните во обвинителството постапувале само за притвор. Русковска, за Сител вели дека по добивање на документот ќе се одлучува какви активности ќе преземе обвинителството.

За претседателот на СДСМ, постапувањето на министерот Чулев било политички маркетинг. Заев очекува по примерот на Дончев, на таков распит да бидат повикани Мицкоски и Камчев.

„Начинот на кој што Чулев сака тоа да го прикаже е секако нешто кое што дефинитивно е заради политички цели оти обвинителството дава налог некој да биде повикан, сослушан, изведен пред истражен судија. Министерот Наќе Чулев тоа го прави заради политички маркетинг и да покаже колку они тоа ќе бидат власт која не може никој ништо да направи ама сега кога тргна со вакви аршини еве очекувам, како што слушам денеска да го викнат и господинот Мицкоски и господинот Орце Камчев па по истите аршини на сослушување како што тоа го направија со Дончев“, изјави Зоран Заев, Претседател на СДСМ.

Вчера во јавноста се појавиа нови ауди разговори во кои се тврди дека се слуша гласот на Дончев. На јутуб каналот Дон КорлеДонев се објавени два разговори во траење од по 40-тина секунди.

 Јас побарав од Зоки да пуштиме инспекција веќе ми пукна филм ме мафтаа отидоа снимаа и има кривичен наод против овој и тогаш они го ангажираат Медарски да ургира кај Заев и сега Медарски од една страна јас од друга страна..., се слуша во една од снимките објавени на интернет.

Ден Дончев си поднесе оставка од директорската позиција во фондот за здравствто на почетокот од минатиот месец. Во оставката напишал дека тоа го прави од здравствени и семејни причини.