Бизнис
19. August 2017 - 14:30

МЗШВ: Следниот месец почнува реализацијата на Проектот за реонизација

Македонските земјоделци наскоро точно ќе знаат во кој реон која култура, сорта и семе  најмногу успева и ќе добијат листи на препорачани култури и сорти кои ќе бидат пдодржани со мерките за финансиска поддршка за развој на земјоделството.

Тоа ќе го овозможи Проектот за реонизација (агро-еколошко зонирање) на земјоделското производство според почвено-климатските услови на реоните во Република Македонија што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го потпиша со Организацијата за земјоделство и храна на Обединтетие нации (ФАО).

Проектот во наредните две години ќе се спроведува со техничка поддршка од ФАО во износ од 355.000 долари, а неговата реализација ќе почне следниот месец. Основа за реонизацијата ќе претставува почвениот информативен систем на Република Македонија кој ќе обезбедува информации за составот и структурата на почвите на територијата на државата. На него ќе се надоградат климатските услови, агробиолошките карактеристики на културите и сортите, потребите од агротехнички мерки и од инвестиции во инфраструктурата, како и агроекономските параметри.

- Во моментов се формира стручниот тим кој ќе биде мултидисциплинарен, бидејќи се работи за комплексен проект за кој е потребна експертиза од повеќе области, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека проектот ќе овозможи точни информации во кој реон која култура, сорта и семе најмногу успева.

- Земјоделските производители и потенцијалните инвеститори  честопати немаат информации и индикатори за тоа кои култури, сорти и семиња најдобро успеваат во производните реони, а ткуму тоа е еден од главните предуслови за зголемување на приносите и подобрување на квалитетот на производот. Овие информации во голема мерка ќе ги намалат погрешните инвестиции и ќе послужат за одредување идни насоки во кој правец треба да се адаптира нашето земјоделство во однос на климатските промени, потенцира Николовски.

Посочи дека ќе се прават и листи со препорачани култури и сорти во кои ќе се сугерира правилниот избор на културите и сортите кои одговарааат за одгледување во конкретни региони и ќе дадат најдобри резултати во однос на количина и квалитет. Тоа, како што кажа, ќе овозможи максимално искористување на инвестицијата и подобар приход од земјоделските стопанства.

- Листата со препорачани култури и сорти ќе биде пдодржана со мерките за финансиска поддршка за развој на земјоделството и ќе претставува извесна гаранција за инвестицијата и нејзината оправданост, посочи Николовски.

Нагласи дека со поддршка на ФАО ќе се реализира и проектот за намалување на негативното влијание од климатските промени.

- Преку овој проект набавивме модерни агрометеоролошки станици кои деновиве ќе бидат инсталирани во Градско, Кочани и Струмица. Со агрометеоролошките станици ќе управува Управата за хидрометеоролошки работи, рече Николовски и додаде дека трите локации се избрани бидејќи таму се произведуваат стратешки земјоделски култури - градинарски, овошни и ориз за кои, потенцира,  многу е важно редовното следење на временските прилики.

Посочи дека преку новоотворената веб-страница на УХМР информациите ќе бидат достапни за земјоделците и оти покрај временската прогноза и сезонските прогнози на едноставен и разбирлив начин ќе бидат презентирани и други информации кои им се потребни за преземање соодветни агротехнички мерки.

Со овој проект, додаде, ќе се преземат активности за поддршка на средните земјоделски училишта кои вклучуваат развој на наставни материјали за климатските промени и обука за наставниците за вклучување на поимот климатски промени во наставната програма, а воедно ќе се обучуваат и советниците од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во делот на справување со последиците од болестите и штетниците кои се појавуваат заради променети климатски услови како што се јазлестата кожа и синиот јазик.