Кошарка
6. January 2017 - 18:27

МЗТ не отпатува во Загреб каде треба да и гостува на Цибона

Снежните врнежи и големиот студ кој ја зафати Македонија се причините поради кои кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром попладнево не отпатуваа за Загреб, каде што в недела треба да го одиграат натпреварот од 17. коло од АБА-лигата против домашната Цибона.
 
Според планот, сино-белите навреме беа на скопскиот аеродром во очекување на авионот со кој требаше да заминат за хрватската престолнина, но тој, поради лошите временски услови воопшто не слета на „Александар Велики“ поради што пропадна и можноста за заминување во Загреб. Избраниците на тренерот Анте Назор веќе се враќаат кон салата „Јане Сандански“ каде што ќе го одработат вечерниот тренинг наместо во салата на задутрешниот противник.
 
Ваквиот развој на настаните го загрозува и одигрувањето на натпреварот против Цибона во предвидениот термин, пред се поради лошите услови кои владеат на патниот правец Скопје-Белград, поради што во моментов заминувањето со автобус воопшто не е во игра. Дополнителен проблем е што утре воопшто нема авионски лет кон Загреб, што предизвикува огромни главоболки кај луѓето од управата на МЗТ Скопје Аеродром.
 
Дали „аеродромци“ ќе заминат кон Хрватска и дали натпреварот ќе биде одигран во предвидениот термин или, пак, ќе биде пролонгиран за еден ден или повеќе, дополително јавноста ќе биде информирана, се вели во текстот објавен на официјална интернет-страница на клубот.