Кошарка
30. April 2019 - 14:15

МЗТ Скопје во решавачки меч против Задар за влез во АБА лигата

Кошаркарите на МЗТ Скопје попладнево во Задар го играат решавачкиот меч за влез во првата АБА лига 
 
Откако направија „брејк“ на теренот на Зада, па пропуштија шансата пред својата публика во „Јане Сандански“ да ја остварат втората победа, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром сега ќе мораат по потешкиот пат да се обидат да се вратат во првата АБА лига. 
 
Попладнево во Задар, македонскиот вице-првак ја игра мајсторката против истоимената хрватска екипа. 
 
Без својот најдобар стрелец Андрија Бојиќ кој поради повреда не отпатува за Задар, избраниците на Ѓорѓи Кочов ќе мораат да одиграат перфектен меч, доколку сакаат да се надеваат на успех. 
 
„Одигравме два изедначени и цврсти натпревари. Задар е искусна екипа, но не и несовладлива. Во Хрватска дојдовме ослабени без повредениот Бојиќ. Сепак. Верувам дека со правилен пристап и со почитување на се она што ќе го договориме ќе може да дојдеме до толку посакуваната победа на овој решавачки дуел за двете екипи“, изјави тренерот на аеродромци Кочов.
 
Мечот меѓу Задар и МЗТ Скопје Аеродром започнува од 18 часот.