Македонија
22. September 2019 - 13:35

На Денот без автомобили се играше хокеј низ улиците во Тетово

Играње хокеј, изведба на музички точки, прегледи за висина и тежина, возење велосипеди, штандови и слични активности денеска се изведоа на коловозните ленти на булеварот „Илирија“ (поранешен Маршал Тито) во Тетово по повод одбележувањето на 22 септември – Светскиот ден без автомобили. Булеварот беше затворен за сообраќај за да можат учесниците да ги спроведат активностите.

– Општина Тетово како општествено-одговорна општина и во овој период од годината го организира по втор пат настанот – Ден без автомобили со затворање на една или повеќе улици за сообраќај и ги отвора улиците за пешаци и велосипедисти. Одбележувањето на овој ден треба да ги поттикне граѓаните да замислат еден поинаков град кој ќе биде во функција на луѓето, а не на автомобилите, изјави Беким Мемети, претседател на Советот на Општина Тетово.

Активностите ги изведоа средношколците од сите средни училишта во Тетово.