Свет
4. October 2015 - 18:49

Над половина од Германците се плашат од бегалците

Последната анкета на германскиот јавен телевизиски сервис АРД покажува дека повеќе од половината Германци се уплашени од бегалците кои пристигнуваат во Германија.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, дури 51 процент од германските граѓани живеат со страв од бегалците, додека 47 отсто велат дека не се чувствуваат исплашено од мигрантите кои, како што се очекува, до крајот на годинава ќе дојдат во бројка од еден милион.

Во анкетата спроведена пред три недели со стандардната изјава „Ме плаши пристигнувањњето на толку многу бегалци“, се согласиле околу 38 отсто од испитаниците.

Разлика во стравот на Германците во врска со бегалците е особено присутна ако резултатите се анализираат географски. Во западна Германија стравот од бегалците е присутен кај 48 проценти од населението, додека во источниот дел од земјата дури 58  отсто од граѓаните се уплашени од приливот на бегалците.

Стравот е поголем кај луѓето со пониско ниво на образование и се движи од 33 отсто кај високообразованите, до 63 проценти кај луѓето со најниско ниво на завршено образование.

На прашањето за користа од мигрантите, за разлика од 33 отсто кои пред три недели сметале дека тие ќе предизвикаат повеќе штета, сега таков став имаат 11 проценти од испитаниците. Околу 35 отсто од Германците сега сметаат дека бегалците се од корист за Германија.

Анкетата покажува и дека 54 проценти од испитаниците се задоволни од германската канцеларка Ангела Меркел, што претставува пад од 9 процентни поени во споредба со минатиот месец и е нејзин најнизок рејтинг од декември 2011 година.

Нејзиниот политички ривал Хорст Шехофер, кој е лидер на конзервативната баврска Христијанско социјална унија (ЦСУ), инаку партнер на Христијанско демократската унија (ЦДУ) на Меркел, бележи раст на популарноста за 11 процентни поени и сега позитивно е оценет од 39 отсто од испитаниците.