Македонија
16. October 2019 - 14:36

Наум Стоилковски: Компаниите на Заеви „вртат“ 56 милиони евра годишно

„Еленица“ и „Дравас Инжинеринг“ се двете најголеми компании на Заеви, а должат на државата над 400.000 евра данок, додека компаниите на Заеви им вртат 56 милиони евра годишно. Замислете компанија која што не би била блиска до власта и зад себе нема политички функционер, како што е Зоран Заев, колку даночни инспектори досега, колку инспекции и колку блокирања на сметки и други зафати ќе доживее, зафати кон ништење на бизнисот.

Во време додека Зоран Заев е премиер, фирмите на семејството Заеви енормно се шират. Фирмите на Заев добија дозвола за одгледување на медицинска марихуана во Свети Николе, го купија струмичкиот гигант „Герас Цунев“ по цена на една гарсониера, за 40.000 евра добиваат проекти за градба на станбени комплекси вредни 10-тици пати повеќе. И тоа не е се. Вакви примери има многу. Бизнис во Струмица не е можен, ако во тоа немаат интерес компаниите на Заеви.

Зоран Заев со триесетина семејни компании е пример за можна корупција, пример за политичко влијание, за моќ во бизнис релациите. Тоа се најмалку неколку десетици причини за корупција и за насочување на државните економски текови. Се додека на јавна функција се политичари кои што се сопственици, акционери на компании, има можност за корупција.

Македонија ја тресат скандали и афери поврзани со корупција и злоупотреба на моќта, поврзани и со политичкото делување на Зоран Заев, почнувајќи од струмички „Глобал“, до транспорт, градби, ископи, позајмици, до полињата со марихуана, сите поврзани со фирмите на Заеви.

Бараме сите политичари кои што вршат јавни функции, доколку се сопственици, косопственици или пак акционери во одредени компании, бараме суштински да ги отуѓат, бидејќи отвораат можност за корупција и насочување на економските текови во државата кон лични цели.

Формалното бришење од сопственост, или формалното замрзнување на своето делување на политичари во компанија кои истовремено се и јавни функционери, како Заев, отвора реална можност за злоупотреба на позицијата на моќ.

Прашање: Премиерот од Австрија најави дека можното недобивање на датум  ќе ја наруши владата во Македонија. Дали вие ќе барате избори, предвремени парламентарни избори како опозиција се додека нема датум?

Одговор: ВМРО-ДПМНЕ одамна бара предвремени парламентарни избори, и тоа сегашната состојба поврзана со датумот за почеток на преговори со ЕУ апсолутно е само доказ дека треба што поскоро да се одржат предвремени парламентарни  избори  само затоа што  државата е заложник  на кланот Заеви, на кланот на политичари  коишто извршуваат јавни функции, а притоа зад себе имаат скандали поврзани со  лукративност и со висока корупција и криминал. Апсолутно оваа власт не е способна за спроведување на реформи, апсолутно оваа власт ја крахираше економијата во Република Македонија. Апсолутно се потребни предвремени избори за да дојде една влада којшто ќе има кредибилитет за да може да ја поведе државата кон реформи и кон навистина подобар живот на граѓаните.