Македонија
26. March 2020 - 17:12

Навалица во Дојран за изнајмување соби за подолг престој - Општината забрани престој на други жители

Дојран одлучи да го забрани престојот на сите  домашни и странски граѓани на кои  според личните документи оваа општина не им е постојано  место на живеење. Ова е одлучено на последната седница на општинскиот совет на која било констатирано дека со стапувањето во сила на одлуката за вонредна состојба во државата драстично се зголемил бројот на граѓани кои пројавиле интерес за  престој во оваа општина. Освен на  сопствениците на викенд куќи,  пораснал и бројот на граѓани од другите  делови на државата кои  почнале да бараат соби за изнајмување во овој туристички центар и тоа на период од дваесет до триесет дена.

„Оваа одлука е донесена пред се поради тоа што во последно време имаме огромен број на луѓе кои што доаѓаат во приватните викенд куќи, меѓутоа и луѓе кои што бараат смештај во приватните сместувачки капацитети. Затоа сакам да напоменам дека приватните издавачки капацитети треба да знаат дека во овие кризни моменти треба да останат приземни и да ги почитуваат мерките на владата на Република Северна Македонија  кои што се носат секојдневно, а и да се заштитиме и да го намалиме бројот на миграција од сите други населени места кои што доаѓаат во Дојран, не само во Дојран туку и во сите останати туристички дестинации“, вели Анго Ангов Градоначалник на Општина Дојран.

Ваквиот заклучок општината го доставила и до владата на која што и предлага, но и бара да биде донесена одлука која ќе важи се додека трае вонредната состојба во државата . Во меѓувреме општината веќе го забрани и  движењето  на сите рекреативни терени, но и на пешачката патека .

„Забранети се сите зелени рекреативни зони и туристичката патека кои што се едни од најпосетените места, посебно за време на викендите и се злоупотребуваат од страна на посетителите и граѓаните. Се надевам дека набрзо ќе се избориме со пандемијата предизвикана од корона вирусот и повторно ќе бидеме заедно во нашиот убав Дојран“,вели Анго.

Од Општина Дојран потенцираат дека во нормални услови секој гостин е добредојден, но во ваква состојба тие се принудени на радикални мерки кои имаат единствена цел, заштита на здравјето на сите граѓани.