Бизнис
12. August 2015 - 17:24

НБРМ: Економската активност расте со солидно ниво

Економската активност расте со солидно ниво, делумно поддржана од кредитната активност на домашните банки, а економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци и без притисоци во надворешниот сектор, оцени Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија.

Во соопштението од НБРМ се наведува дека оцената на економските и финансиските услови покажува дека постојната монетарна поставеност е соодветна, при што е одлучено на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво од 25.500 милиони денари, со непроменета каматна стапка од 3,25 проценти.

- Девизните резерви и понатаму се одржуваат на соодветно ниво, коешто е доволно за справување со евентуалните непредвидени шокови во иднина. Ризиците за домашната економија, поврзани со домашните политички случувања и економско-политичките случувања во Грција, во последниот период се намалија, а нивните ефекти и понатаму се оценуваат како ограничени и главно остварени преку каналот на очекувањата. Сепак, иако намалена, и понатаму е присутна неизвесност во окружувањето. Во вакви услови, излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и од ефектите врз девизните резерви, се наведува во соопштението од НБРМ.

Оттаму истакнуваат дека најновите макроекономски показатели не упатуваат на поголеми промени во амбиентот за водење на монетарната политика и оти по растот на БДП во првото тримесечје, показателите за економската активност во вториот квартал посочуваат на продолжување на овие трендови.

Општото ценовно ниво во јули, како што информира НБРМ, забележува пад на месечна и на годишна основа, пред сè заради пониските цени на прехранбената компонента. Во просек, во првите седум месеци од годината општото ниво на цени во домашната економија се намалило за 0,3 проценти на годишна основа, а од друга страна, растот на базичната инфлација забрзал, потврдувајќи ја констатацијата за намалени ризици од понатамошно намалување на цените.

Инфлациските остварувања засега се оценуваат дека се во рамки на проектираните. - Последните оцени за надворешните претпоставки, споредено со априлските проекции, покажуваат очекувања за нешто пониски светски цени на енергијата и прехранбените производи. Честите промени во очекувањата за цените на примарните производи упатуваат на значителна неизвесност околу идното движење на овие производи и на голема можност за нагли промени кај овие категории, велат од НБРМ.

Оттаму посочуваат дека според последните расположливи податоци за третото тримесечје на 2015 година, девизните резерви бележат пад. Гледано преку факторите на промена, намалувањето на резервите во овој период е последица, пред сè на редовното намирување на надворешните обврски од страна на државата, а делумно и на нето-продажбата на девизи на девизниот пазар од страна на НБРМ.

Ликвидноста на банките, пак под влијание на автономните фактори во јули, бележи пад, главно поради сезонскиот раст на готовите пари во оптек и на интервенциите на Народната банка на девизниот пазар. Тоа, велат од НБРМ, услови понизок интерес на банките за монетарните инструменти и зголемена трговска активност на пазарите на пари.

Во однос на кредитниот пазар, првичните податоци за јули покажуваат натамошен раст на вкупните кредити на приватниот сектор, со поумерена динамика во однос на претходниот период. Годишната стапка на раст на вкупните кредити во јули изнесува 9 проценти и е во рамки на проекцијата за третиот квартал од 9,8 проценти.

Во однос на депозитниот потенцијал, првичните податоци со јули покажуваат нивно намалување, коешто е резултат на падот на депозитите на корпоративниот сектор. Депозитите кај домаќинствата пак бележат раст, најмногу поттикнат од штедењето во домашна валута.

НБРМ информира дека последните макроекономски показатели и оцени засега не упатуваат на позначајни промени во амбиентот на спроведување на монетарната политика.