Македонија
27. November 2020 - 11:27

Не е точно дека нема слободни болнички кревети и кислород, тврди Филипче

Не е точно дека нема слободни болнички кревети и кислород. Секој пациент кој има потреба од кислород, тоа го добива, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Негирајќи ги тврдењата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, министерот Филипче на прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарско прашање посочи дека за болничките кревети има обезбеден централен довод на кислород, а она каде што нема, има кислородни концентратори.

– Не е точно дека нема слободни кревети и дека нема кислород. Еве, практично сите кревети на Клиниката за оториноларингологија се обезбедени со централен довод на кислород. Онаму каде што нема, има кислородни концентратори, рече Филипче.

Изрази жалење што ВМРО-ДПМНЕ не покажала разбирање и го блокирала процесот на поставување на модуларните ковид болници.

– Тоа ќе значеше дека сите болници ќе беа опремени со дополнителни кревети, со физички одделни простории за третман на ковид пациенти кои се целосно опремени. За многу болници дури и опрема за којашто првпат доаѓа во тие градови. Но, верувам дека ќе го изменаџираме и овој бран. Очекуваме овој тренд на стабилност да продолжи, рече Филипче.

Во однос на случувањата во битолската болница за кои беа објавени снимки на социјалните мрежи, Филипче посочи дека случајот го испитува Државниот здравствен и санитарен инспекторат и оти се подготува дополнителен стручен надзор за девет случаи низ државата.

Засега, како што посочи, не се размислува за воведување на порестриктивни мерки во Прилеп и Битола.