Македонија
13. February 2021 - 16:52

Не се знае кога точно ќе пристигнат вакцини

По откажаната достава на вакцини од “Фајзер”, останува неизвесен датумот на нивното пристигнување во земјава. Од Министерството за здравство засега не се охрабруваат со предвидувања, кога американската компанија би дала согласност и потребна документација, за извоз на вакцините во Македонија.             

“Според информациите кои стигнаа до Министерство за здравство се очекува во најбрз рок производителот на вакцината да издаде документирано одобрување до Република Србија по што ќе се реализира примопредавањето на вакцините”

Сличен став стигна и од Владата, кои целосната комуникација за набавка на фајзеровите вакцини од Србија ја препуштаат на Министерството за здравство.

Македонија е една од ретките земји во Европа во која не е почнат процесот на имунизација. Доцна ли реагираа македонските власти во врска со набавката на вакцините? Потврден одговор има од претседателот Пендаровски, кој во гостување на Канал 77 вели – не бегаме од одговорност, но реалноста и дека големите земји се незадоволни.

“Без да ги бранам нашите власти, веројатно и тука има касно палење...но факт е дека во ЕУ се крајно незадоволни...Не бегам од одговорност ниту моја ниту чија било...”

Критиките на сметка на власта продолжуваат од опозициската ВМРО ДПМНЕ. Велат -  бескрупулозните лаги на Заев и Филипче чинат здравје и животи во време кога целиот свет вакцинира, а во Македонија нема вакцини ни на повидок.

Неспособност – е главната карактеристика која лидерот на партијата им ја припишува на македонските власти.

Вакцини во Македонија нема, но тоа не ги спречува граѓаните да се пријават во виртуелната чекална за вакцинирање.

Според последните податоци, преку веб-страницата „Vakcinacija.mk“, до овој момент пријавени се 40 илјади 600 заинтересирани лица да примат вакцина против КОВИД-19, додека преку матичните лекари пријавени се 12 илјади 652 лица.