Македонија
25. December 2020 - 16:56

Не запираат реакциите на новата образовна концепција

Со герила акција против новиот концепт за основно образование. Студентите од Филозофскиот факултет пред Владата порачаа - историјата е мајка на знаењето, а моделот е неприфатлив и избрзан.

Незадоволството беше искажано и во холот на Филозофски. Студентите дејствуваа во поддршка на официјалниот став на Институтот, чии професори заклучиле дека предложените решенија се комплексни, при нивното изготвување не е консултирана останатата стручна јавност, а се се одвива во краток временски рок.

Посебно внимание, велат од Филозофски, треба да се обрне на политичкиот моментум.

“Со оглед на конкретните политички случувања поврзани со негирањето на македонската историја и на македонскиот јазик, сметаме дека е потребно повеќе време за да се согледаат сите можни импликации при усвојувањето на новиот модел”, велат од Институтот.

Против денеска се изјаснија и Друштвото на физичарите, Сојузот на хемичарите и технолозите, како и Македонското биолошко друштво. Тие се приклучија на досегашните бројни критики кои дојдоа од МАНУ, историчарите, социолозите и Македонското географско друштво, сите со став дека со новиот модел не треба да се брза.

Во негова одбрана, пак, министерката Царовска денеска на средба со директорот на Управата за развој на образованието на јазиците на заедниците посочи дека новата концепција, на децата ќе им овозможи од најрана возраст да учат зa мултикултурализам и граѓански вредности.

Новиот образовен модел предвидува предметите историја, географија и граѓанско образование да се спојат во еден, а физика, хемија и биологија во друг наставен предмет.