Свет
25. January 2022 - 11:46

Нед Прајс: Во светот има само еден човек кој знае што подготвува Русија за Украина

Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс одржа прес-конференција на која ги повтори ставовите на САД и Стејт департментот за руско-украинската криза, нагласувајќи дека Москва ќе се соочи со силен американски одговор во случај на инвазија на Украина. 

За време на прес-конференцијата, Прајс се осврна на претходните дипломатски активности на Стејт департментот и Ентони Блинкен во Европа и повтори дека сите западни сојузници имаат единствен став за Русија.

– Ги слушнавте пораките, не само од нас, туку и од НАТО, ОБСЕ, Г7, Европската унија и Европскиот совет. Ако некоја руска сила се помести преку украинската граница, тоа е обновена инвазија. Во тој случај, Русија ќе наиде на брз, остар и обединет одговор од сојузниците и од САД, рече Прајс.

Портпаролот на Стејт департментот потоа зборуваше за средбата меѓу Блинкен и Лавров, која се одржа минатата недела, по која САД ветија дека ќе и дадат одговори на Русија за безбедносните барања што Кремљ ги постави пред неколку недели.

– Ќе и ги испратиме на Русија нашите писмени одговори на нивните безбедносни барања оваа недела. Пред да го сториме тоа, ќе ги координираме нашите активности со сојузниците и партнерите од другата страна на Атлантикот. Сите повратни информации од нашите сојузници ќе ги вклучиме во писмените одговори и кога ќе бидеме подготвени да и ги испратиме на Русија, ние ќе го направиме тоа. Верувам дека ќе биде оваа недела, рече Прајс.

Тој исто така нагласи дека постојат одредени тези во безбедносните барања на Русија за кои не може да се разговара, бидејќи тие се основните принципи на кои се заснова НАТО.

– Ние сме подготвени да вклучиме дијалог и дипломатија во приказната со Русите. Постојат одредени елементи на барањата за кои не може да се разговара и се однесуваат на политиката на „отворени врати“ на НАТО. Клучната работа во дипломатските активности со Русија е да се преземат чекори кои не би биле отстапки. Треба да се зборува за реципроцитет, што значи дека и Русите треба да направат нешто што ќе помогне да се подобри нашата безбедност и позицијата на НАТО, рече тој.

На новинарско прашање колку е реално во моментов да се зборува за придвижување на руски војници кон источна Украина, Прајс рече дека одговорот на тоа прашање го знае само еден човек.

– Секојдневно гледаме акумулација на руски сили долж границите со Украина. Бевме многу јасни за нашата загриженост кога станува збор за облици на агресија и провокации што Русите веќе ги преземаат. Сепак, има само еден човек кој знае што подготвува Руската Федерација за Украина и таа личност се вика Владимир Путин, рече Прајс.

На крајот, портпаролот на Стејт департментот се осврна и на евакуацијата на голем број дипломати од американската Амбасада во Украина.

– Ние немаме поголем приоритет од безбедноста на Американците ширум светот. Затоа заминувањето на некои од нашите службеници во Амбасадата од Украина и нивните семејства ја одразува нашата политика за заштита на американските граѓани. На Русите им ставивме јасно до знаење дека секогаш ќе дадеме приоритет на безбедноста на американскиот народ. Меѓутоа, нашата одлука да повлечеме некои вработени не кажува ништо за непоколебливата и немилосрдна поддршка за нашите украински сојузници, заклучи портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.