Македонија
21. April 2018 - 12:55

Недостиг на судска независност, тортура и мешање во приватноста, нотира извештајот на Стејт департментот

Стејт департментот го објави извештајот за човековите права во кој за Република Македонија е нотирано дека најзначајни прашања се поврзани за извештаи за тортура од затворските чувари, мешање во приватноста, насилство врз новинари, недостиг на судска независност, корупција и насилство против лица од ЛГБТИ заедницата.

- Владата презеде неколку чекори за истрага, гонење и казнување на службениците кои извршиле злоупотреби, меѓу кои и полициски службеници виновни за употреба на прекумерна сила, но поседуавње имунитет продолжува да биде широко распространет проблем. Од 15 април до 15 септември, Специјалното обвинителство, кое ги истражува наводите за корупција во периодот од 2008 до 2015 година, поднесе 18 обвиненија против 120 обвинети и отвори седум истраги против 25 осомничени. Исто така, започна и 142 прелиминарни истраги за очигледно криминално однесување кое се однесува или произлегува од содржината на незаконски пресретнати комуникации, наведува Стејт департментот.

Во извештајот за состојбата со човековите права во 2017 година за Република Македонија се наведува дека на 31 мај минатата година Парламентот избрал нова Влада предводена од СДСМ со што се ставил крај на неколкумесечниот процес на формирањето на Владата.

- На 27 април 2017 година, откако мнозинството во Парламентот го избра Талат Џафери за претседател, демонстрантите го нападнаа Собранието што резултираше со повреди на седум негови членови. Медиумите објавија дека припадници на Министерството за внатрешни работи им помагале на демонстрантите и не ја исполниле својата должност да ги штитат членовите на Парламентот. Министерството ги казни полицајците кои не ги исполниле своите должности, вклучително отпуштање осум полицајци, се вели во извештајот.

Извештајот заклучува дека како одговор на изборот на новиот претседател на парламентот на 27-ми април, околу 200 демонстранти провалиле преку полициски кордон, влегле во зградата на парламентот и ги нападнале новинарите и членовите на Парламентот. Истрагата на Министерството за внатрешни работи за настаните од 27 април заклучи дека некои вработени ја узурпирале својата службена положба и не успеале соодветно да ги заштитат членовите на парламентот и новинарите. Како резултат на истрагата, 180 полицајци беа испрашувани, осум беа отпуштени, 43 беа суспендирани, а 70 дисциплински постапки се во тек.

Стејт департментот, меѓу другото, во извештајот за човековите права за 2017 година нотира дека Единицата за професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи ги спровела сите внатрешни истраги во врска со наводите за други форми на полициско несоодветно однесување.

Во текот на првата половина од годината, единицата покрена дисциплинска постапка против 175 полицајци и покрена шест кривични пријави против вработените во Министерството за кривични дела, вклучително и „злоупотреба на службената положба", „измама" и „малтретирање при извршување должност", се вели во извештајот на Стејт департментот. 

- Во најголем број случаи, судовите се придржуваа до Законот за процедурите за притвор. Селективноста и недостигот од транспарентни судови што се користеа при оценување барањата за притвор или притвор во текот на судењата се проблематични. Владините статистики покажуваат дека обвинителите барале наредби за притвор во пет отсто од сите случаи. Кривичниот суд во Скопје даде 80 отсто од барањата за притвор од страна на Јавното обвинителство и Обвинителството за организиран криминал и корупција. Во исто време, судовите не одобрија 89 проценти од слични барања за притвор и други мерки на претпазливост поднесени од страна на Специјалното обвинителство. Во текот на претходната година, судовите, исто така, ги отфрлија дополнителните барања од Специјалното обвинителство за мерки на претпазливост, вклучувајќи го и домашен притвор и заплена на пасош, се вели во извештајот.

Извештајот нотира дека во некои случаи, судот дозволил осомничени од висок профил да избегнат судско гонење. Како примери се наведени случаите „Таргет“ и „Тврдина“, Никола Бошковски и Горан Груевски и случајот со Сеат Кочан, кој успеа да ја напушти земјата и да го избегне притворот.

Судовите понекогаш не успеваат да обезбедат соодветно оправдување за продолжување, замена или прекинување на притворот, нагласува Стејт департментот во извештајот за човековите права што сеоднесува за Македонија.

Во извештајот за човековите права за 2017 година за Република Македонија се забележува дека  Законот им овозможува на обвинетите да комуницираат со адвокат по свој избор, но властите не секогаш ги информирале притворените лица  правилно за тоа право и не секогаш им дозволуваат да се консултираат со адвокат пред да се поднесат жалба.

- Постојат случаи кога полицијата повикала осомничени и сведоци во полициските станици на „информативни разговори" без да ги извести за нивните права и без присуство на правен советник, се вели во извештајот.

Извештајот нотира дека Народниот правобранител добил две жалби за произволно апсење, а голем број случаи на високи лица од претходните години не се решени поради континуирани одложувања на судењата.

- Судството не покажа независност и непристрасност, а судиите се предмет на политичко влијание и корупција. Резултатите од многу судски постапки се појавија предодредено, особено во случаите кога обвинетите имале ставови или презеле дејства против владата, стои во извештајот на Стејт департментот.

Несоодветното финансирање на судството продолжува да ги попречува судските операции и ефективноста.

Според годишниот извештај на Народниот правобранител за 2016 година, вториот најголем број граѓански претставки (577 или 15 проценти) што ги примаше правобранителот се однесуваше на судскиот систем. Заклучно со септември, народниот правобранител примил 363 претставки во врска со судскиот систем, се наведува во извештајот на Стејт департментот за човековите права во Македонија.