Македонија
4. August 2020 - 14:32

Неловски: Заради погрешни политики граѓаните се позадолжени и плаќат поскапа струја

Само за три месеци власта успеа да го зголеми јавниот долг за една милијарда, а за денес се најавува ново задолжување од 38 милиони евра. Ова е најголем скок на јавниот долг во само еден квартал во историјата на Македонија, констатира ВМРО ДПМНЕ.

„Патем оваа милијарда евра никој не знае за што се потроши друго освен за евтин популизам кој скапо ќе се плаќа. Имено реализацијата на капиталните инвестиции во првата половина на годината изнесува само 22,51%, односно нема реализирано ниту четвртина од планираното. Тоа значи дека немало изградба ниту на училишта, ниту на градинки, ниту на патишта, а сепак државата позајмила 1 милијарда евра. Оттука се поставува прашањето пак, каде завршија овие една милијарда евра нов долг“, вели Владимир Неловски, член на ИК на ВМРО ДПМНЕ 

Според него, заради погрешните политики на власта, граѓаните се задолжени со нови 2.000 евра по семејство, а истовремено ќе плаќаат и поскапа струја годишно. Најлошото е што власта нема план и состојбите може уште повеќе да се влошуваат.

„Токму затоа потребни се цврсти и стабилни чекори за поддршка на стопанството и граѓаните, зашто само така државата и економијата ќе може да излезат од овој ќорсокак и да се придвижат напред.Потребна е итна стратегија за обнова на државата“, вели Неловски.

 

Наташа Хаџиспиркоска Стефанова