Македонија
5. May 2016 - 15:44

Нема нов случај на „јазлеста кожа“ во Демир Капија

Интензивно се следи состојбата со болеста „јазлеста кожа“ на фармата во  Демир Капија и засега нема нов случај на заболено животно, информира денеска ветеринарниот инспектор Илија Ѓелов.

Според него, и ситуацијата во регионот е под контрола поради што не се очекува ширење на болеста, па ќе нема и дополнителни штети.

- Веднаш штом се појави болеста, по налог на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) беше поставена бариерата за деизнфекција на сите возила при влез и излез од Демир Капија. Целта беше да се спречи еден од начините за ширењето на вирусот кој е причинител на болеста, согласно законските прописи, рече Ѓелов кој работи во кавадаречката подрачна единица на АХВ и е надлежен за општините Неготино и Демир Капија.

Ѓелов, како што нагласи, е постојано во координација со ветеринарните друштва кои работат на оваа проблематика во регионот, а и самиот ја контролира ситуацијата на терен.