Бизнис
28. April 2022 - 16:31

Нема пречка Македонија да купува гас во рубљи, вели НБРМ

Народната банка веќе ги направила потребните измени за да може Македонија рускиот природен гас да го плаќа во рубљи. Гувернерката вели дека во овој момент нема никакви пречки за добавувачите да го прават тоа.

Вчерашната одлука на Русија да ја запре испораката на гас за Полска и Бугарија ги загрижи сите земји од регионот. Цевководот кој минува на бугарска територија освен Македонија со гас ја снабдува и Србија. Властите и во двете земји не очекуваат проблеми иако македонскиот министер Бектеши вчера рече дека ситуацијата е комплексна а Македонија има и други алтернативи за гасот, без при тоа да прецизира колку ќе не чини тоа.

Бугарска делегација од денеска е во Брисел каде на средби со Европската комисија ќе се бара решение за недостатокот на гас.

И додека Полска бара сите европски земји кои се согласиле да плаќаат гас во рубљи да бидат казнети, Германија и Австраија кои се најголемите потрошувачи на гас во Европа потврдија дека преговараат за купување на овој енергенс во рубљи.

Британски фајненшл Тајмс објави дека и Словачка исто така се договорила преку Газпром банк во Швајцарија да отвори сметки во рубљи и на тој начин да го исполнат барањето на Русија, чекор кој веќе го презема Унгарија.