Свет
8. April 2020 - 15:33

Невладините бараат да се обезбеди сигурен абортус за време на пандемијата во Европа

Организациите за заштита на човековите права, меѓу нив и македонската ХЕРА, потпишаа повик до владите ширум Европа да обезбедат сигурен и брз пристап до абортус за сите жени и девојки за време на здравствената криза, јави дописничката на МИА од Брисел.

Амнести Интернешнл и десетици невладини организации ангажирани во борбата за човековите права потсетуваат дека во овие време на вонредни мерки и изолација на граѓаните на континентот се појавуваат бројни пречки за пристап до безбеден прекин на бременоста, додека пак владата во Полска носи драконски закон за забрана на абортусот, користејќи го фактот што вниманието на јавноста е свртено кон други теми.

-Европските влади мораат итно да делуваат за да обезбедат сигурен и брз пристап до абортусот за време на пандемијата од КОВИД-19, тие мора брзо да ги отстранат сите непотребни медицински пречки кои го отежнуваат пристапот до абортусот и да им овозможат на жените пристап до ран абортус од дома, изјави Леа Хоктор, од Центарот за репродуктивни права.

Навладините бараат да се признае прекинот на бременоста како суштинска здравствена потреба, и потсетуваат дека поради здравствената криза голем број болници ги сведоа своите здравствени услуги на минимум или го пренасочија персоналот, и во многу места пристапот до нормални клинички услуги стана “екстремно тешко“.

-Рестрикциите врз репродуктивното здравје диспропорционално ги засегаат жените кои живеат во сиромаштија, жените со попреченост, Ромките, жените мигранти без документи, адолесцентите, транс жените и жените кои се соочуваат со ризик од семејно или сексуално насилство, стои во писмото.

Во шест европски земји абортусот е сѐ уште забранет и силно ограничен поради административни бариери и доктори кои одбиваат да вршат прекин на бременост поради лично убедување, во тие земји жените се приморани да патуваат во странство за да добијат абортус, што во овие околности на карантин е речиси невозможно.

-Додека пандемијата ги засега сите аспекти на нашето живеење, тоа не смее да биде искористено како оправдување за да се поткопаат правата на жените да носат одлуки за нивните репродуктивни и здравствени права, стои во повикот.