Бизнис
11. August 2018 - 13:51

Независниот синдикат на агенциското обезбедување бара остварување на работнички права

Вработените во агенциското обезбедување бараат од агенциите доследно почитување на  работнички права, повисока плата, платена ноќна работа, празници, платено здравствено и пензиско осигурување и други права, информираа на денешната прес-конференција, членовите на независниот синдикат на агенциското обезбедување, по повод отварањето на првата регионална канцеларија во Куманово.

Независниот синдикат на агенциското обезбедување и независниот синдикат на полицијата работат на подготовка на документ, своевиден колективен договор,  преку кој вработените во агенциите ќе ги остварат своите права.

- Агенциите веќе имаат недостиг на кадар, бидејќи вработените со лиценци не сакаат да работат за симболични двесте евра плата, така што ние се обидуваме да подготвиме документ кој ќе се однесува на вработените со лиценци и сопствениците на агенциите за обезбедување и ќе ги подобри правата на вработените, изјави координаторот на независните синдикати и претседател на независниот синдикат на полицијата, Гоце Делчев Тодев.

Претседателот на синдикатот на независното  агенциско обезбедување, Ацо Јаневски рече дека досега  вработените во агнециското обезбедување поради неостварените работнички права се чуствуваат  понижени и уценети.

- Ние ќе се бориме за нивните права, и апелираме до сопствениците на агенциите да ги зголемат платите на 20.000 денари, да се плаќаат ноќните смени, патните трошоци, минат труд, сето она што досега е изоставено за вработените во агенциското обезбедување, изјави Јаневски.

На овој  начин смета Јаневски ќе се искорени досегашната пракса со која, како што објасни за плата од 12.000 денари без патни трошоци се праќаат вработени од Куманово до Скопје или Велес, и не се цени нивниот труд и ангажман.

Во наредниот период, најавија од синдикатот, регионални канцеларии ќе бидат отворени и во други поголеми градови од државата. На ниво на Македонија, според податоците на синдикатот има 8.000  лица со лиценци за работа во агенциите за обезбедување.