Македонија
10. January 2018 - 8:18

НГМ и Холандската амбасада ќе го промовираат проектот „Уметност за сите“

Националната галерија на Македонија (НГМ) и Холандската амбасада денеска во галеријата Чифте амам во 13 часот ќе го промовираат ликовниот едукативен проект „Уметност за сите“, кој НГМ со холандска помош ќе го спроведува во 2018-та и 2019 година.

Преку работилници, дебати и организирани посети, „Уметност за сите“ ќе овозможи полесен пристап до културата за децата со посебни потреби од цела Македонија. Проектот ќе биде финансиран преку МАТРА - програма на Министерство за надворешни работи на Холандија, отворена за сите земји кои се на пат да станат членки на Европската унија.

Целта на проектот е социјализација и општествена инклузија на лицата со попреченост и хендикеп. Наменет е за деца од најрана училишна возраст до завршување на средното образование и ќе се одвива во четири циклуси од по три месеци. 

На промоцијата на проектот и потпишување на договорот за неговото спроведување се најавени обраќања на холандскиот амбасадор Вилијам Ваутер Пломп, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, директорката на Националната галерија на Македонија Дита Старова Ќерими и координаторката на проектот Маја Димитрова.