Балкан
22. February 2017 - 9:00

Николиќ: Постојат проблеми со Загреб и Сараево поради страв од ултранационалисти

Српскиот претседател Томислав Николиќ изјави дека односите во регионот се одлични, но оцени дека постојат проблеми со Загреб и Сараево, бидејќи оние кои ги предводат Хрватска и БиХ се плашат од ултранационалисти.

Тој во интервју за РТС истакна дека Србија има два проблема - „еден во Загреб, еден во Сараево, а двата се поврзани за национализам“.

Николиќ објасни дека политичарите создаваат углед меѓу својот народ по пат на национализам, како и дека ќе ги одбранат Хрватите во Хрватска и Бошњаците во БиХ од Србите.

- Тоа создава проблем. Со задоволство би патувале во официјални посети на Хрватска и би ги повикале нивните претставници, но тие се плашат што ќе им кажат ултранационалистите, нагласи српскиот претседател.

Николиќ потсети дека примил во официјална посета на Србија многу претставници и од Хрватска и од БиХ, но никогаш не бил поканет во официјална посета на тие две држави.