Македонија
19. April 2020 - 16:05

Николоски: Македонија ќе победи после оваа криза, ќе дојдат убави денови

Велигден е најголемиот христијански празник.

Денот на кој што ја славиме победата на животот над смртта.

Ден кој што не учи на љубов, почит и толеранција.

Велигден е ден за нашите семејства, за нашите најблиски, ден за сите нас.

За жал овој Велигден, Македонија го дочекува во тешка здравствена и

економска криза.

Повеќе од 1.200 луѓе во моментов водат битка со корона вирусот.

Им посакувам брзо закрепнување и да излезат како победници од оваа битка. Да се помолиме за сите нив денес. Исто така десетици семејства за жал ги изгубија своите најблиски во битката со корона вирусот. Моето сочувство за нив. Да помислиме на сите нив денес.

Исто така десетици илјади семејства секој ден ја губат својата работа заради економската криза. Десетици илјади луѓе остануваат без сигурно работно место и без плата. Остануваат без сигурна егзистенција за себе и за своите најблиски.

За жал власта потфрли во справувањето со економската криза. Потребна е поддршка, поддршка за македонската економија, за да се зачуваат што повеќе работни места, да се зачуваат што повеќе насмевки на лицата, да можат луѓето чесно да заработуваат и чесно да носат приходи во своите семејства.

Исто така потребна е посилна здравствена битка. Сега не е време за политика. Сега е време за спасување на човечки животи и за зачувување работни места.

Потребно е сите ние да дадеме свој придонес. Останувајќи дома во овој празничен ден, сите ние помагаме да се спречи ширењето на вирусот. Но исто така потребен е силен ангажман, заздравување на македонската економија. Затоа што економската криза за жал ќе трае далеку подолго од здравствената криза. Секое работно место е важно. И затоа како што кажав потребна е поддршка за македонската економија. Да се спасат што повеќе работни места.

На овој Велигден ви посакувам следниот да го дочекате многу повесели, понасмеани и порадосни. Нека биде добро за сите.

Јас сум сигурен дека Македонија ќе победи! Вие ќе победите! Сите ние заедно ќе победиме и поубави денови ќе дојдат за Македонија.

Да сте здрави и живи! Христос Воскресе!