Македонија
1. July 2021 - 19:26

Николовски на брифинг со медиумите: СДСМ во фази ќе ги објави имињата на кандидатите за градоначалници

Досега се завршени истражувања, анкети и анализи за кандидати за градоначалници за дваесетина општини, откри на брифинг за медиумите, генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, додавајќи дека партијата првите дваесетина имиња ќе ги обзнани на 13 јули, по состанок на раководството на партијата.

Тој потенцира дека во тек е внатрепартиската постапка во СДСМ за избор на кандидати за градоначалници и советници, а самата постапка е транспарентна и отворена дури и за луѓе кои не се членови на партијата.

-Досега имаме 562 кандидати за градоначалници и 4.530 кандидати за советници. Самиот број покажува дека овој голем интерес е поради тоа што СДСМ е фаворит на изборите. Можам да соопштам дека досега се завршени истражувања, анкети и анализи за над дваесет општини. Ние сме фаворити во сите општини, но нема да ги чекаме сите анализи и истражувања за сите општини, ќе ги објавиме првите што ќе финишираат, за да знаат граѓаните, кажа Николовски.

Нагласи дека последни ќе бидат објавени кандидатите за градоначалници каде СДСМ со сигурност знае дека ќе победи, како Струмица, Штип, Крива Паланка и други.

-СДСМ е најдоброто затоа што ја има најдобрата понуда, кадровска и програмска. Ние велиме најдоброто е печат на СДСМ. Имаме над 7.000 проекти реализирани во изминатите 4 години, од програмите. Направивме и споредба на конкретни резултати, 10 години мандат на ВМРО-ДПМНЕ и 4 години мандат на СДСМ. Неспоредливо е тоа. СДСМ има повеќе направено за 4 години отколку ВМРО-ДПМНЕ за 11, потенцира Николовски.

Генералниот секретар на СДСМ е уверен дека партијата ќе извојува нова победа на локалните избори, бидејќи тоа го покажувале и анкетите, односно имале поголем рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ и на ниво на лидери и на ниво на партии.