Македонија
22. October 2021 - 17:47

Николовски: Повторно влегуваме како фаворити и како владина коалиција, обединети со граѓаните ќе победиме

Локалните избори се важни избори затоа што нивниот исход ќе ја одреди иднината, ќе одреди дали општините, дали Битола, дали државата ќе продолжи напред или ќе се врати назад во режим и изолација, изјави Љупчо Николовски, шеф на централниот изборен штаб на СДСМ и коалицијата.

Николовски нагласи дека владата покажа дека може да води напред и затоа е важно и општините да придвижуваат кон напред.

-Докажавме дека е можен економски раст ако и општините инвестираат во реални, вистински капитални проекти, а не во барок, палми и споменици. Централната власт може да се грижи за секој граѓанин ако тоа го прават и општините, а не да крадат пари од општинскиот буџет за училишен превоз како што тоа во минатото беше во Битола. СДСМ докажа дека знае да работи само за граѓаните и ќе продолжиме да работиме заедно со граѓаните. Да се обединиме и на 31 октомври да гласаме за раст на платите и пензиите, за парите да се враќаат кај граѓаните. Да се обединиме за Општина Битола да продолжи со развојот, а тоа е можно само со Христо Кондовски, истакна Николовски.

Во изјава за медиумите шефот на ЦИШ на СДСМ и коалицијата Николовски посочи дека во вториот круг владината коалиција влегува како фаворит.

-СДСМ ќе победи затоа што предводи коалиција со 27 политички партии, тоа е коалиција што води напред. Тоа е коалиција со голем потенцијал и капацитет, а тоа е гаранција за успехот што заедно со граѓаните ќе го имаме на 31 октомври. Повторно влегуваме како фаворити и како владина коалиција, обединети со граѓаните ќе победиме. Ќе победиме и тука во Битола, рече меѓудругото Николовски.

На новинарско прашање во врска со случувањата во македонската Комисијата за историски и образовни прашања и коментирајќи ја изјавата на претседателотна ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски рече:

-Мицкоски признал дека е тесно политички потег инцициран токму од ВМРО ДПМНЕ на една недела пред изборите и мешање во работата на стручна Комисија. Токму затоа ВМРО ДПМНЕ нема да има можност да дојде до шанса да ја води државата со истите методи и принципи на владеење од Никола Груевски. Оваа генерација треба да носи храбри одлуки, а не на една недела пред изборите да иницираат и предизвикуваат оставки од Комисија со членови кои се стручни и кои пред една недела потпишале договор за продолжување на нивниот мандат, одговори Николовски.