Македонија
18. October 2015 - 16:15

Нова шлаканица за Заев - Израелскиот амбасадор Дан Орјан потврди: Немало средба на Заев со заменик шефот на Мосад

Ново разобличување на манипулациите на лидерот на СДСМ Зоран Заев. Првиот човек на најголемата опозициска партија во Македонија немал средба со вториот човек на МОСАД. Ова го потврди израелскиот амбасадор Дан Орјан, кој во изјава за МИА, соопшти дека таква средба немало, а не ни била планирана.

Колку што ни е познато, немало средба со заменик шефот на Мосад. Имаше средби со претседателот Реувен Ривлин на која присуствуваа и амбасадорите на двете земји и средба со министерот Силван Шалом, вели амбасадорот Орјан.

Премиерот Никола Груевски потенцираше дека загрижува фактот што Заев си дозволува во една таква сериозна и значајна држава во светот да говори вакви лаги и вакви невистини, а претендира да биде претседател на Влада.

Овој нов скандал дојде како реакција на манипулациите што одредени медиуми, кои единствено ја следеа посетата на Зоран Заев во Израел од лице место, информираа дека тој остварил средба со вториот човек на МОСАД,  а подоцна истото го коментираше и лидерот на СДСМ.

Според експертската јавност, овој дипломатски скандал претставува нов врел шамар од Израел, за лидерот на СДСМ. Претходно,  министерот за внатрешни работи на Израел, Силван Шалом, преку соопштение до медиумите реагираше на изјавата на Заев, потенцирајќи дека лидерот на СДСМ не добил никакви материјали ниту пак се разговарало за таканаречените бомби.

Зоран Заев беше во тродневна посета на Израел, каде неофицијално без протокол се сретна со Министерот за Внатрешни работи и претседателот.