Македонија
22. July 2020 - 16:52

Нова Влада по Илинден, партиите не откриваат детали од преговорите

Преговорите за формирање на ново мнозинство во Собранието ќе го чекаат крајот на Илинденските празници. Седум дена по гласањето ниту еден од политичките табори не излегува со информација за тоа со кого и како планира да стигне до бројката од 61 пратеник. И во ВМРО-ДПМНЕ и во СДСМ сметаат дека имаат легитимитет да го формираат новото мнозинство. Неофицијално водат преговори, но официјално, за тоа никој не дава информации.
По вчерашните измени во партискиот Статут  во ВМРО-ДПМНЕ велат дека партијата дополнително се демократизира што ја прави главен фактор за засилена демократизација на државата.
По триумфализмот кој го демонстрираше во изминатите денови , ДУИ денеска се вклопи во шаблонот на најголемите политички партии. Вицепремиерот Османи, како што информираа од неговиот кабинет, на средбата со евроамбасадорот Жбогар потенцирал дека на Македонија и треба влада со европска перспектива кој ќе биде гарант за регионалната стабилност.
И додека големите партии молчат, Левица веќе најави дека своите двајца пратеници нема да ги стави во функција на обезбедување мнозинство за СДСМ.
По понудата за обединување на пратениците од албанскиот политички блок, Алијансата на Села излезе со јасен став дека не планира да биде во коалиција со ДУИ.
Во такви околности на СДСМ му останува опцијата за коалиција со ДУИ и ДПА, под услов да ги задржи пратениците на БЕСА, додека ВМРО-ДПМНЕ до 61 пратеник може да дојде ако обезбеди поддршка од ДУИ и пратениците на Левица. Аналитичари не ја отфрлаат можноста да има прелетувања на пратеници од една во друга коалиција што отвора  голем број на нови комбинации. Се уште никој не ја исклучува ниту можноста да се формира широка Влада во која свои претставници би имале сите политички партии и во таков формат да се чекаат следните локални избори на есен идната година.