Македонија
6. јуни 2020 - 16:44

Нови 125 случаи на Ковид-19 во изминатото деноноќие

Драстичен пад на бројот на новозаразени со Ковид-19. По вчерашниот пик, денеска од 1025 тестирања, позитивни на вирусот се 125 лица. Регистрирани се и два смртни случаи – битката со вирусот ја изгубија пациенти од Прилеп и од Струмица. Од новите случаи најголем број се во главниот град – 46. 

И додека епидемиолозите ги бараат контактите на заразените, од Градската болница „8ми Септември“ очекуваат помош од медицински сестри, бидејќи во оваа здравствена установа има 11 позитивни на Ковид-19 од медицинскиот персонал, а десетина ќе одат во изолација. 

-Вирусот е најверојатно донесен од надвор, и тоа поради непочитување на мерките. Во координација сме со МЗ и очекуваме наредната недела на испомош сестри од клиниките со што оваа ситуација нема да се одрази на степенот на работа во болницата, вели Кристијан Костов директор на ГОБ „8ми Септември“.

Во изолација има и медицински персонал од Клиниката за неврологија каде примиле пациентка од дебарско за која подоцна добиле резултат дека е позитивна на Ковид-19. Иако епидемиолозите велат дека од новодијагностицираните најголем број се асимптоматски, загрижува статистиката на ИЈЗ дека дури една третина од починатите од корона вирус умреле во рок од три дена од хоспитализација во болница. Во тешка состојба и на респиратор во ГОБ „8ми Септември“ има 7 пациенти со позитивен тест на корона вирусот.

-Имаме и десетина кои имаат потреба од кислородна поддршка, а овие на респиратор се во многу тешка состојба, вели Костов.

Според статистичките податоци од вчерашниот ден, од 180 регистрирани случаи, 80 немале контакт со заразено лице.