Македонија
4. July 2020 - 16:24

Нови „бомби“ - партиски списоци и палење автомобили

На Јутјуб каналот со име „Вице Мафијашот“ се појави нова аудиоснимка со наслов „Вице даде зелено светло да запалам коли“, во која се слуша разговор помеѓу две машки лица.

Пред да почне аудиоснимката, на почетокот на видеото на Јутјуб се наведува дека разговорот го водат Стојче Чифлигароски, кој е претставен како „сопственик на СВ Инвест, фирма параван на семејството Заеви за тендерите во РЕК Битола“ и Горан Димовски Тушникот од Битола.

Во снимката се слуша како лицето претставено како Тушникот од Чифлигароски бара да му пуштат пари за да може да работи и објаснува како дошло до ситуација да е „блокиран“. Во разговорот тие споменуваат и лица Вице и Трајче за кои авторот имплицира дека станува збор за членовите на семејството Заеви.

Тушникот во еден дел кажува и дека на некое „дете Чаки ќе му се запали колата“, за што добил и зелено светло.

За ВМРО-ДПМНЕ ваквата снимка е запрепастувачка и бараат Заеви да бидат повикани на распит во полиција..

„Фрапирани сме од содржината на снимката која ја емитуваа медиумите, а од која се слушаат сведоштва како братот и зетот на премиерот нарачуваат палење на автомобили, а неговиот братучед диктира кои бизнисмени можат да работат, а кои не. Од снимките кои ги објавија медиумите се гледа бандитскиот однос на семејството Заеви кон државата во целост“, велат од партијата.

Со реакција се огласи и Вице Заев кој снимиките ги нарече манипулации и обвини дека тие се објавени од ВМРО-ДПМНЕ.. 

„Тоа се очајни лаги произлезени од фејкњуз подрумите на опозицијата. Заеви се чесни и вредни Македонци. Режимските инсталации нема да не спречат да продолжиме да даваме плати, да плаќаме даноци и да ги помагаме македонските граѓани“, вели во својата реакција, Вице Заев..

Во меѓувреме Две нови снимки утрото се појавија и  на Јутјуб каналот „Обнова на РЕЖИМОТ“, каде вчера, исто така, беа објавени две „бомби“. И денешние се телефонски разговори на актуелниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на кандидатската листа во третата изборна единица, Игор Јанушев, и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Првиот разговор трае 1 минута и 19 секунди и во него Јанушев и Јанакиески разговараат за тоа каде треба да бидат однесени лаптопи, пришто повторно се слуша дека се споменува лице со име Даниела, како и во вчерашните разговори.

„Таа Даниела и тој Ратко, жими се, слушај ми го зборот, нека помине денот, утре ќе ги убијам“, вели Јанушев во дел од разговорот.

Вториот разговор, пак, е во траење од 1 минута и 25 секунди. Во него соговорниците зборуваат за список за вработени во Телеком кој Јанушев го пратил кај Жарко Луковски. Луковски е поранешен директор на Телеком, кој почина минатата година. Тој беше осомничен во случајот „Базни станици“ на СЈО.