Македонија
21. January 2021 - 16:45

Ново полугодие со нов средношколски бојкот

Со бојкот на наставата од матурантите почна второто полугодие. Бараат намалување на бројот на предмети за полагање на државната матура. Наместо четири, да полагаат два, едниот мајчин јазик, и другиот по избор на ученикот. 

Бојкотот, според најавите од Средношколскиот сојуз, ќе трае се додека МОН не излезе во пресрет на нивните барања. Доколку училиштата вршат притисоци врз учениците, Сојузот најавува дека ќе поднесе претставки до Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет.

-Од 20 градови каде што Сојузот на средношколци дејствува се бојкотира наставата. Во мнозинството на училиштата во овие градови се бојкотира. Тоа значи во над 51 отсто од училиштата, што значи бојкотот е успешен.

Промена на моделот за полагање на државата матура оваа година нема да има. Министерката Царовска вели дека концептот за полагање е веќе утврден, па нов модел за државна матура најави за следната година.

Сепак, Царовска тврди дека бојкотот на матурантите не е масовен.

-Тоа се мали групи кои што го искажуваат својот револт. Секако дека тоа е нивно легитимно право на истиот начин да го искажат незадоволството. Но, важно е да се знае дека сите имаат пријавено. Една гимназија во Скопје има поорганизирано дејствување во однос на бојкот на наставата. Сите други се изолирани мали групи во дел од гимназијата во Скопје. Но, во Медицинското во Скопје нема ниту еден ученик кој што бојкотира. Така што, различна е сликата, вели министерката Царовска.

Во училишните клупи се вратија само учениците од прво, второ и трето одделение. Протоколите за ова полугодие се исти како и за минатото, па речиси сите ученици наставата ќе ја следат онлајн.

Најмалите ученици велат дека се подготовени за остатокот од учебната година.

Првото полугодие МOН го оцени како успешно со навремено завршено оценување. Над 90 отсто од учениците наставата ја следеа онлајн, а помалку од 1 процент од наставниците и учениците со физичко присуство се заразиле со Ковид-19.