Македонија
26. March 2020 - 17:10

Новозаболеното лице во Штип било во контакт со првозаболеното семејство

Нов случај позитивен на корона вирусот во Штип. Со ова бројката се зголеми на вкупно 8 граѓани од Штип, но и во целиот Источен регион кај кого епидемиолозите открија присуство на Ковид -19. Се работи за жена која била во контакт со прво откриениот кластер, односно со еден од четворочленото семејство.

Новата пациентка е асимптоматична на заболувањето, поради што и е препорачана домашна изолација. Доколку во наредните денови се појават некои од симптомите, треба веднаш да се јави на инфективното одделение, а лекарите ќе утврдат дали е потребна хоспитализација.

На членовите на потесното семејство им се земени брисеви за испитување. Од Центарот за јавно здравје информираат дека на пунктот во Здравниот дом по препорака на матичен лекар денес се земени брисеви од 12 лица. Во изминатите 3 дена беа тестирани 11. Засега ниту еден пациент не е хоспотализиран на инфективното одделение.